Лавров: Дејствувањето на САД во Сирија е опасно

САД дејствуваат во Сирија унилатерално и на опасен начин, со што го поткопуваат територијалниот интегритет на земјата, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Изјавата на Лавров следи по минатонеделниот напад на хеликоптери на меѓународната коалиција, предводена од САД, врз позиции на сириските владини сили, распореден во близина на една рефинерија под контрола на бунтовниците, кои ја имаат поддршката на Вашингтон.

Лавров, исто така, нагласи дека Русија останува отворена за учество на сириските Курди во мировниот процес во Сирија и покрај противењето на Турција.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот на сириските Курди за огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која се залага за автономија на Курдите во Турција. ПКК се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.

Турција минатиот месец започна офанзива против силите на сириските Курди, кои беа еден од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), поради што дојде до тензии во односите меѓу Анкара и Вашингтон.

Во услови кога однсите меѓу САД и Турција се, како што оцени турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, во „критична фаза“. во петок во Анкара ќе допатува американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

Во пресрет на посетата на Тилерсон, денеска во Истанбул се одржа средба меѓу претставници на Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Херберт Рејмонд Мекмастер. Тема на разговорите, според извори од кабинетот на Ердоган, било „долгорочното стратешко партнерство“ меѓу Турција и САД.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ