Крвав католички Велигден во Шри Ланка

Вака изгледа црквата Свети Антони во Коломбо, главниот град на ШриЛанка по денешната експлозија за време на утринската миса.

Шест експлозии одекнаа во три католички цркви и три луксузни хотели. Се се случило кога верниците веќе почнале со неделната прослава на Католичкиот Велигден. Бројката на загинати засега е 137, но се очекува да се зголеми бидејќи ранети се над 400-тини. Речиси истовремено, експлозиите одекнале во католичката црква Свети Антони, и во трите хотели во Коломбо. А брзо потоа во црква во местото Негомбо, на 30 километри од главниот град, како и во црква во Батикалоа, на 250 километри источно од престолнината.

Експлозиите во хотелите „Синамон Гранд“, „Кингбари“ и „Шанги-Ла„ во центарот на Коломбо ги потврдија и две туристички агенции чии гости престојувале во овие објекти. Медиумите јавуваат за расфрлани тела пред црквата, а пред главната болницата во Коломбо е метеж, роднините во плач и паника бараат да влезат и да дознаат дали некој од блиските е во големата бројка на загинати.

Кој е во болницата?

Сопругата и синот…

Ќе проверам, но нема податоци за имиња, и адреси. Болничкиот персонал ги собира имињата…

Засега никој не презеде одговорност за експлозиите. Се стравува дека повратниците на ИСИС кои се вратиле во земјата од борбите во Блискиот Исток е можно да се вмешани. Властите се се уште претпазливи за тоа дали да прогласат дека станува збор за терористички напад. Свикана е вонредна седница на владата, а полицијата соопшти дека истрагата за експлозиите веќе е во тек.

Мнозинството од жителите на Шри Ланка се будисти, но околу седум проценти од населението на островот се католици. Ова е прв сериозен бомбашки напад во Шри Ланка од завршувањето на 25-годишниот конфликт меѓу властите во Коломбо и сепаратистичката група Ослободителни тигри на тамилскиот Елам во 2009 година.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ