
Кремљ: Убиството на Захарченко е провокација
Убиството на прорускиот лидер на истокот на Украина, Александар Захарченко, претставува провокација, оценува Кремљ. Портпаролот Дмитриј Песков смета дека убиството ќе го разниша мировскиот договор од Минск 2015-та година, потпишан под покровителство на Германија и Франција. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пак изјави дека по убиството разговорите за кризата во Укарина меѓу лидерите на Русија, Франција и Германија се невозможни.
42-годишниот лидер на проруските бунтовници во областа Доњецк на истокот на Украина Александар Захарченко беше убиен вчера во експлозија во еден рестоант во центарот на Доњецк. Тој беше претставник на самопрогласената Доњецка Народна Република, чии сили заедно со самопрогласената проруска република во Луганск, се бореа против украинската војска 2014 година. Во тој судир до сега загинаа повеќе од 1.000 луѓе.
– Храбар, хуман, не се плашеше од ништо, вели Лариса, жителка на Доњецк.
– Роден и одгледан тука, студираше тука. Кога дојдоа тешките времиња тој раководеше со се. Доживеавме некои подобрувања, чекор по чекот… Но ова е цената која ја плати, рече Наталија жителка на Доњецк.
Портпаролката на руското НМР Марија Захарова рече дека постојат причини да се верува дека украинската влада е одговорна за овој настан.
– Пред се, ова е трагедија за Украина. Тие сега имаат шанса помалку за преродба на нивната земја, за да тргнат на патот на демократскиот развој и да станата слободна земја која ги почитува своите граѓани, изјави Марија Захарова, портпарол на министерството за надворешни работи на Русија.
Украинската војска започна подготовки за офанзива во Донбас, информираше пред новинарите оперативниот командир на Доњецката Народна Република Едуард Басурин, кој за убиството ја обвини украинската хунта. Силите на самопрогласената ДНР се подигнати на највисок степен на борбена готовност во случај на напад на украинските сили, рече Басурин и нагласи дека тие се подготвени за контраофанзива.
– Сакам да нагласам дека никој нема да побегне од ова убиство, главната цел беше да се дестабилизира ситуацијата во Доњецката народна република, како и линијата на фронтот. Но јас го уверувам украинското раководство и украинскиот претседател Петро Порошенко дека ништо нема да можат да сторат, ние ги чуваме границите на нашата република, изјави Едуард Басурин, заменик шеф на народната полиција на ДНР.
Украинската служба за безбедност соопшти дека верува дека убиството на прорускиот лидер Захарченко е нешто меѓу „бунтовниците и нивните руски спонзори“.
Билјана Ставрова