
Красимиров и пред бугарскиот суд призна дека ја убил Маринова
Северин Красимиров, осомничениот за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, на почетокот на судскиот процес го призна делото. Веднаш по екстрадицијата од Германија, окружниот суд во Русе му одреди опротвор во процесот во кој е осомничен за силување и убиство. Во неговиот исказ, Красимиров не спомна премногу детали затоа што бил под дејство на алкохол и дрога и постојано повторуваше дека не се сеќава што точно се случило.
Таа помина покрај мене и не знам што точно се случи, не се сеќавам. Не, не знам, сведочеше Красимиров.
Неговиот исказ пред бугарскиот суд не се разликува од тој даден во Обвинителството во германскиот град Целе, пред една недела. И таму Красимиров тврдеше дека само ја удрил и фрлил во грмушка.
Се сеќавам дека на разминување, или таа ме удри или јас несакајќи ја удрив. И реков „внимавај малку“ или нешто такво, таа нешто ми рече, не се сеќавам добро и јас се вратив и и удрив една шлаканица и таа падна, рече Красимиров пред бугарските судии.
Веднаш по убиството Красимиров заминал за Германија кај неговата мајка, но беше откриен од германската полиција и уапсен на 9 март, а пред два дена беше екстрадиран во Бугарија.
Телото на триесетгодишната Маринова беше откриено на 6 октомври на кејот на реката Дунав. Вештаците утврдија дека таа прво била силувана а потоа и брутално убиена. Маринова беше уредничка на локална телевизија во Русе што се појавија сомнежи дека убиството било политички мотивирано.
Игор Трајков