
Коронавирусот ги остави празни црквите на денешниот Велигден
Вака звучи велигденскиот поздрав до лекарите и медицинските сестри од музичарите од миланската Скала. Наместо во преполна сала 64 музичари од филхармонијата својата честика ја упатија преку видео, додека катедралите низ христијанскиот свет кој денеска го слави Велигден останаа празни.
Поглаварот на римокатоличката црква, папата Франциск, за првпат својата полноќна миса синоќа ја одржа од празната базилика Св. Петар во Рим. Велигденската порака која тој ја упати во живо на интернет, ја поврза со борбата со пандемијата на коронавирусот со оние луѓе кои го виделе распнувањето на Исус. Овогодишната велигденска порака папата ја нарече „порака на надеж“.
„Вечерва се стекнуваме со основно право што никогаш не може да ни биде одземено: право на надеж. Тоа е нова и жива надеж што доаѓа од Бога”, порача Папата Франциск.
Коронавирусот ги остави празни и црквите во Светата земја, во Ерусалим. Велигденската миса во црквата на Светиот гроб, ја одржаа само неколку свештеници, додека улиците околу неа каде други години масовно се собираа верици, сега зјаеа празни.
„Порака за Велигден е дека животот, и покрај се, ќе надвладее“, вели бискуп, Пјербатиста Пицабела.
Во Чешка верниците мисата ја следеа во живо на интеренет. Исто можност имаа и верниците на католичката и англиканската црква во Австралија, додека Минск црквата одржаа богослужба на отворено со држење на социјална дистанца меѓусебе.
Во црква во Јужна Каролина пак богослужбата се одвиваше во многу поинаква форма од другите делови на светот. Верниците таму беа досетливи. Тие ги паркираа своите автомобили пред локалната црква и се молеа седејќи во нив слушајќи ја проповедта на свештеникот на радио.
„Беше поинаку бидејќи ние не бевме физички заедно, ние можевме да мавтами низ прозорците и да ги довикуваме пријателите и да разговараме со нив. И наместо амин, ни свиревме со автомобилските сирени и ги уклучивме бришачите на автомобилите“, вели Кендра Хасбнд, жителка на Јужна Каролина.
На помалку тажната слика на празните катедрали и цркви низ светот кои денеска го празнуваат на најголемиот христијански празник, Велигден, му пркосеа пожарникарите од северна Англија кои вчера делеа чоколадни велигденски јајца донирани од локалните продавници на децата и младите кои се во изолација поради коронавирусот.
„Убаво. Ви благодарам. Ви благодарам за се што правите. Благодарам!“
А денешниот празничен ден и седењето дома на луѓето низ целиот свет ќе се обиде да им го разубави италијанскиот изведувач, Андреа Бочели кој вечерва во празната Миланска катедрала Дуомо ќе одржи соло изведба која ќе може да се гледа во живо на интеренет, а која тој ја нарече „молитва за оние кои страдаат“.
Тамара Грнчароска