Корона вирусот го запре украинскиот бизнис со сурогат мајчинство

Десетици бебиња родени од сурогат мајки во Украина не можат да се обединат со своите идни родители, заради затвореноста на границите на оваа држава воведени во текот на пандемијата корона вирус.

Украина има широко развиена мрежа на сурогат мајчинство, една од ретките држави која ја дозволува оваа услуга и за странските државјани, но се повеќе се шири загриженоста за товарот кој затворените граници го ставаат на клиниките и вознемирените родители.

Овој проблем доби големо внимание откако компанијата БиоТексКом, која ја води најголемата операција за сурогат мајчинство, објави видео снимка на која десетици бебиња се чуваат едно до друго во две соби во хотел, каде клиниката ги сместува своите клиенти.

“Ова видео го објавивме на нашата официјална интернет страница за да ги увериме родителите дека нивните бебиња се здрави и во добра состојба тука. Уште една цел на ова видео е да им каже на родителите кои не можат да ги земат своите деца да контактираат со дипломатските служби од нивните земји” – изјави Денис Херман, адвокат на сурогат клиниката БиоТексКом.

Колку долго овие бебиња ќе останат без своите идни родители зависи и од подготвеноста на нивните матични држави да им помогнат да ги земат од Украина.

Станува збор за родители од 12 држави : Кина, САД, Италија, Шпанија, Британија, Франција, Германија, Бугарија, Романија, Австрија, Мексико и Португалија.

“Луѓето контактираат со нас и министерството за надворешни работи. Им се кажува дека едно министерство треба да го побара другото. Министерствата за надворешни кои добро ја завршиле својата работа и кои работеле во текот на пандемијата корона вирус, тие успеале да ги донесат родителите тука. Ние се уште очекуваме одговор од другите земји. Некои држави рекоа дека во принцип нема да обезбедат никаква помош и не се загрижени за тоа колку долго родителите ќе треба да чекаат” – вели основачот на сурогат клиниката, Алберт Тохиловски.

Украинскиот омбдуцман ,Људмила Денисова, ги повика властите во Киев да најдат решение што е можно побргу, стравувајќи дека бројот на бебиња би можел да се зголеми на повеќе илјади, доколку националниот карантин се продолжи.

Рестрикциите од карантинот во Украина засега остануваат на сила до 22-ри Мај. Околу 50 клиники кои нудат услуги на сурогат мајчинство во моментов функционираат во Украина.

Сиромаштијата, корупцијата, економската криза но и воениот конфликт со руските сепаратисти ги принудиле украинските жени да се одлучат на сурогат мајчинство.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ