Контроверзната книга за Трамп „Оган и гнев“ и покрај препреките излезе во продажба

Полна со лаги и погрешни интерпретации е оценката на американскиот претседател Доналд Трамп за книгата на авторот Мајкл Вулф со сведочењата на поранешниот главен стратег на претседателот Стив Бенон. Оган и гнев: Внатре во Белата куќа на Трамп и покрај обидите на адвокатскиот тим на Трамп денеска излезе во продажба, порано од што беше најавено.

„Му го забранив пристапот до Белата куќа, всушност го одбив многу пати, авторот на лажната книга. Никогаш не зборував со него за книгата. Полна со лаги, погрешни интерпретации и непостоечки извори. Погледнете го минатото на овој човек и што ќе се случува со него и невештиот Стив,“ изјави Доналд Трамп – Претседател на САД

Авторот Вулф во книгата изнесува повеќе тврдења, меѓу кои дека тимот на Трамп бил шокиран од неочекуваната победа на изборите, гневот на Трамп поради неприсуството на повеќе ѕвезди на неговата инаугурација и најповторуваната шега на Иванка Трамп, со која ја исмевала татковата фризура и често го опишувала процесот на подготовка пред своите пријатели. Интересни за американската јавност се окритијата на Бенон, кој беше еден од најблиските соработници на Трамп во текот на кампањата, но кој подоцна беше истиснат од блискиот круг советници на претседателот.

„Книгата тврди дека тој до април бил маргинализиран, што мислам дека дополнително посочува на многу малиот кредибилитет што тој го имал за да даде значителна информација, особено по тој период, на кој поголемиот дел од книгата се заснова. Повторно, оваа книга е грешка, по грешка по грешка,“ изјави Сара Хакаби Сандерс – Прес секретар на Белата куќа.

Прес службата на Белата куќа со денови прави интензивни напори да ги дискредитира авторот и неговите извори. Прес скеретарот Сандерс уште при првите најави книгата ја нарече „бескорисна таблоидна фантастика. И покрај нивните напори, интересот во јавноста е огромен. Вулф тврди дека подготвувајќи ја книгата направил повеќе од 200 интервјуа со експерти и соработници на Трамп, но критичарите обвинуваат дека поголемиот дел од нив имаат спорен кредибилитет.

„Разговарав со луѓе кои разговарале со претседателот на дневна основа, а некогаш и од минута во минута,“ вели Мајкл Вулф – Автор на „Оган и гнев“.

Сепак, дури само половина од изнесените тврдења во книгата да бидат вистинити, таа отсликува инкриминирачки портрет на еден параноичен претседател и администрација во која владее хаос.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ