Конгресот започнува истрага за импичмент против Трамп

Претставничкиот дом на Конгресот на САД почна официјална истрага за импичмент на претседателот Доналд Трамп под сомнение дека поттикнал странски лидер да покрене истрага против политички ривал. Станува збор за новиот украински претседател Володимир Зелински и истрага на украинските власти во која бил имплициран синот на поранешниот потпретседател Џо Бајден а сегашен водечки кандидат на демократите за претседателските избори идната година.

Објавувам дека Претставничкиот дом започнува официјална истрага за импичмент. Им дадов насоки на шесте комитети да продолжат со своите истраги под чадорот на истрагата за импичмент. Претседателот мора да одговара, никој не е над законот.

Соопшти спикерката на ПРетставничкиот дом Ненси Пелоси

Трамп дури и му посочил на шефот на неговиот кабинет, Мик Мулвејни, да ја задржува исплатата на 250 милиони долари воена помош за Украина во очекување на резултатите од истрагата. Според американските медиуми Трамп на 25 јули имал телефонски разговор со Зелински, кога се обидел да му изврши притисок повоторно да ја отвори истрагата против Бајден и неговиот син. Американскиот претседател истрагата за импичмент ја нарече „најлошиот лов на вештерки во политичката историја“ и ги обвини демократите дека истрагата ја отвараат затоа што не знаат како да ги добијат изборите.

Телефонскиот разговор беше перфектен. Разговорот кој не беше перфектен и зборовите кои не беа перфектни беа тие на Џо Бајден кон неговиот син. А неговиот син вади милиони долари од Украина и милиони долари од Кина а вие не зборувате за тоа. Вистинска срамота, но добрата вест е дека гласачите сфаќаат.

одговори американскиот претседател Доналд Трамп.

Аферата американските медиуми ја споредуваат со Рашагејт, но во суштина има многу малку сличности. Сепак едноставниот факт што демократите се одлучија на овој чекор и тоа во предизборна сезона е доволен доказ дека тие гледаат шанса, можеби не да го сменат Трамп од функцијата, туку во најмала рака да им наштетат на неговите шанси за резибор догодина.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ