Конгресот на САД го усвои буџетот за финансирање на владата 

Двата дома на американскиот Конгрес го усвоија компромисниот буџет за финансирање на федералните владини институции, но во кој не се предвидуваат средтсва за изградба на ѕидот со границата кон Мексико. Токму инсистирањето на претседателот Трамп да се одобрат средства за иградба на ѕидот беше причината за рекордната 35 дневна владина блокада. Од Белата куќа најавија дека Трамп ќе го потпише буџетот но не исклучија прогласување вонредна состојба веднаш потоа. Истото го потврди и мнозинскиот лидер во Сенатот Мич Меконел.

Тој би сакал да им кажам на колегите, најави дека е подготвен да го потпише законот. Исто така ќе прогласи и национална вонредна состојба во исто време. Јас му посочив дека ќе се подготвам и дека ќе го подржам прогласувањето на вонредната состојба, рече Мич Меконел.

Критиките веднаш почнаа да пристигаат. Демократите го нападнаа Меконел по објавата дека ги подржува најавите за прогласување вонредна состојба

Мислам дека сите ќе зажалиме за ова. Не е исправниот начин претседателот да се обиде да го заобиколи Конгресот кога не е задоволен од меѓупартискиот компромис кој обезбедува милијарди долари повеќе инвестиции во граничната безбедност, вели сенаторот Крис Кунс од Делавер.

Во случај на вонредна состојба парите за ѕидот ќе се обезбедат од други извори во федералниот буџет, но демократите обвинуваат дека Трамп сака да го заобиколи Конгресот затоа што не го добил тоа што го сакал.

Зачудувачки за мене е тоа што имаме републиканци кои го подржуваат овој потег на неуставна узурпација на законодавната власт за да ги трошат народните пари, вели сенаторот од Колорадо Мајкл Бенет.

Доколку Трамп навистина прогласи вонредна состојба, Конгресот има правни начини како да го запре тоа. Федералниот закон за вонредни состојби му дозволува на Конгресот да прекине вонредна состојба доколку предлогот биде изгласан и во двата дома. Добра вест за демократите е што имаат мнозинство во Претставничкиот дом а може да очекуваат подршка и во Сенатот каде добар дел од републиканските сенатори јавно го осудуваат потегот на Трамп.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ