Комичарот Зеленски освои најмногу гласови на првиот круг од претседателските избори во Украина

Володимир Зеленски, актерот – комичар без никакво политичко искуство, освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Украина, навестуваат резултатите од излезната анкета на гласачките места кои ја реализираа две организации за испитување на јавното мислење.

“Обединетите резултати на две анкети на јавното мислење: Зеленски – 30,4% од гласовите; Порошенко – 17,8 ; Тимошенко – 14,2” –ги соопшти резултатите од излезните анкети, Ирина Бекешина, директор на фондацијата за демократски иницијативи.

Доколку овие резултати добијат официјална потврда а излезната анкета е направена со можно отстапување од 2,5 %, победникот на претседателските избори ќе биде познат во вториот круг,закажана за 21-ви Април, кога граѓаните ќе бираат помеѓу Зеленски и актуелниот Претседател Порошенко.

Со овој резултат од денешното гласање, 41 -годишниот Зеленски  е еден чекор поблиску до тоа, популарното сатирично ТВ шоу, во кое глуми обичен граѓанин кој станува претседател на државата да го претвори во реалност.

Тој водеше целосно поинаква и различна кампања од своите главни ривали. Без големи собири, без интервјуа, додека не претстави ниту некоја кохерентна политичка идеологија, освен ветувањето дека ќе биде нов и поинаков.

Неговата политичката база се младите гласачи, кои во огромен број го следат на социјалните мрежи.

“Тоа што ме загрижува најмногу се случувањата во нашата земја. Затоа мојата прва официјална посета како Претседател ќе биде на регионите на нашата земја за да ги решиме сите проблеми кои ги имаме во Украина” – изјави денеска по гласањето Зеленски.

Актуелниот шеф на државата, 53-годишниот Петро Порошенко, кој е еден од најбогатите Украински олигарси, водеше националистичка кампања и се обидува да ја добие поддршката на  конзервативните Украинци преку својот слоган: “Армија, Јазик, Вера”.

“Јас реков дека ова е апсолутно најважно, дека клучната работа која се случува е дека сега го преминуваме Рубикон во поглед на тоа дека ниту ќе се враќаме во Советскиот Сојуз, ниту пак во руската империја. Затоа ова е исклучително важно за Украина, затоа поканивме и рекордно висок број меѓународни набљудувачи, рекордно е присуството и на медиумите, кое што го гледате тука. Но јас сум апсолутно убеден – Украина денеска ќе победи. Дефинитивно!” – порача Порошенко.

Порошенко тврди дека неговата поддршка на армијата ги држи под контрола проруските сепаратисти во Источна Украина.

Сепак, амбициите на Порошенко сериозно се загрозени заради обвинувањата за корупција, и скандалот кој беше обелоденет пред еден месец, поврзан со продажба на воена опрема за Украинските безбедносни сили во кој профитирале блиски соработници на Украинскиот претседател.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ