Комичарот Зеленски нов претседател на Украина

Украинците утринава се разбудија и сфатија дека изминативе месеци воопшто не биле сон. Навистина избраа човек кој во телевизиско шоу глуми професор кој потоа станува претседател.  41-годишниот актер Володимир Зеленски на вчерашнте претседателски избори му нанесе убедлив пораз на актуелниот Петро Порошенко, освојувајќи неверојатни 73% од гласовите. Прогласувајќи победа им порача на граѓаните дека никогаш нема да ги разочара. Бизнис тајкунот Порошенко освои само 25% од гласовите и го призна поразот, но најави дека нема да се повлече од политиката.

  • Следниот месец ќе ја напуштам функцијата претседате. Ќе си заминам од канцеларијата, но да истакнам дека не ја напуштам политиката. Ќе останам во политиката и ќе се борам за Украина, изјави Порошенко.

На другата страна, по објавувањето на резултатите почна прославата. Зеленски им се заблагодари на сите, а на шега и  се заблагодари и на украинската безбедносна служба што го држела во форма. Но, сега притисокот се зголемува врз Зеленски. Тој допрва треба да демонстрира што ќе прави. Низ кампањата, ги одбиваше сериозните интервјуа и дискусии за политиката – а преферираше да става весели видеа на социјалните мрежи. На чело на државата доаѓа во тешки моменти на нерешени односи на Западот со Русија откако Москва го анексираше Крим и ги поддржа проруските сили на истокот од Украина. Зеленски најави дека ќе го заврши војната, но не е познато како планира тоа да го стори.

  • Со Русија ќе работиме според Нормандискиот формат, ќе го продолжиме преговарачкиот процес на Минск. Ќе го ресетираме. Мислам дека таму ќе ги смениме луѓето. И подготвени сме на се за да го запреме војувањето, изјави новиот претседател Зеленски.

Со победата на Зеленски, Украина влегува во неизвесни политички води поради тоа што нема никакво политичко искуство. Спеак, победата е удар за петгодишниот мандат на милијардерот Порошенко и пресуда за длабоко вкоренетата корупција во земјата, како и слабата економија. Неговите поддржувачи, за  реме на тактичката кампања, која ја водеше беа восхитени од неговата харизма и пораките за анти-корупцијата. Но, критичарите се скептичи за кредибилитетот на Зеленски, дополнително што е во блиски врски со олигархот Ихор Коломиски.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ