
Кој ги претвора новинарите во мета?
Бројот на напади врз новинарите, според податоците на еснафските здруженија, се зголемува, а она што особено загрижува, е тоа што заканите и нападите се случуваат со поттик од високите државни функционери. Директорот на Фондацијата „Славко Чурувија“, Илир Гаши, смета дека политичарите се главни креатори на непријателска атмосфера.
„Имаме многу ситуации во кои јавните функционери, ги прозиваат новинарите и медиумите и создаваат, благо речено, негативна атмосфера против нив. Во потежок облик, и веројатно пореалистично, тоа е непријателска атмосфера во општеството, против тие новинари и медиуми, атмосфера на линч. Бидејќи новинарите кои се мета, неколку дена подоцна се изложени на закани со смрт“, вели Гаши.
Во првите два месеца од 2018 година, Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) регистрираше пет напади врз новинари. Еден од нив се заканите што ги доби главниот и одговорен уредник на новинската агенција Бета, Драган Јањиќ, откако на својот налог на Твитер оцени дека атентатот на еден од најистакнатите опозициски лидери на Косово, Оливер Ивановиќ е политичко убиство. Јањиќ потсети дека како по некое непишано сценарио, на нападот му претходело обвинување од највисокиот претставник на власта.
„Истиот ден кога е убиен Оливер Ивановиќ, претседателот на државата одржа прес-конференција на која ме обвини мене, Славиша Лекиќ, опозицијата, и уште некои луѓе, дека сме тврделе дека Србија е одговорна за смртта на Оливер Ивановиќ. Тоа, секако, не беше точно, но непосредно потоа, веќе наредниот ден, следуваа напади врз мене. Објавена е моја фотографија, врз која беше напишано: вака изгледа некој кој мрази се што е српско“, објаснува Јањиќ.
По заканите кон главниот и одговорен уредник, набрзо на социјалните мрежи следуваа вербални закани кон сите новинари на агенцијата Бета.
„Клучниот проблем е што ова се случи со поттик на власта. Цртани се мети врз луѓе. Немам никаков сомнеж дека истражните органи можат да утврдат кој е и што е, но мислам дека тоа не е најважно. Мислам дека е најважно да престанат да се водат кампањи против луѓе кои мислат поинаку“, оценува Јањиќ.
Имаат ли сила истражните органи да ги откријат и да ги санкционираат случаите на загрозување на безбедноста на новинарите? Судејќи по досегашната пракса, клучен проблем е што истрагите напредуваат бавно. На денот кога беше свечената инаугурација на претседателот на Србија, 31 мај 2017 година, пред зградата на парламентот, шестмина новинари беа спречени да си ја работат работата. Една од нив е и новинарката на весникот Данас, Лидија Валтнер, која е нападната додека земала изјава од човек кој носеше транспарент против власта. Во кобниот момент, најпрво еден од двајцата момци во црни маици се обиде да и го земе телефонот.
„Додека со него се влечам околу телефонот, чувствувам дека еден од тие двајца ме влече од назад, не раздвојува, ме турка и ме одвлекува кон Пионерскиот парк. Тука ме спушта, јас осетив дека сум слободна, во целосен шок што се случи и што ќе се случи понатаму“, вели Лидија Валтнер.
Две недели по нападот, се појавија фотографии од луѓето кои ја нападнаа, но јавноста и натаму не знае кои се. Првото основно обвинителство ги отфрли кривичните пријави на новинарите, со објаснување дека новинарите се спречени да ја вршат својата работа за да се спречи поголема катастрофа. По приговорот на новинарите, по налог на Вишото обвинителство, основното обвинителство почна да постапува по предметот. Лидија Валтнер очекува правда, но вели дека „ниту една власт не сака да ги казнува своите луѓе“.
„Не ме чуди што процесите траат долго и што се забораваат во фиока бидејќи, претпоставувам, повеќето имаат политичка позадина“, истакнува Валтнер.
Марија Вукасовиќ од НУНС укажува дека нивното истражување покажа дека мал број случаи околу загрозувањето на безбедноста на новинарите добива судски епилог.
„Ако дојде до суд, тоа се главно, условни пресуди. За голем број случаи на напади врз новинари, обвинителството утврдува дека нема елементи на кривично дело за да се води постапка по службена должност, па главно се покренува прекршочна постапка (или не), зависно од случајот“, рече Марија Вукасовиќ.
Според истражувањето на НУНС, од вкупно 30 случаи на напади врз новинари лани, само еден е правосудно решен.Од тој број, 23 случаи се уште се во предистражна постапка.
„Според Кривичниот законик, јавниот обвинител е единствено овластен да ги гони извршителите на кривични дела кои се гонат по службена должност. Во таа смисла, судот не е овластен да ги гони извршителите, ниту да покренува постапки, па со тоа нема влијание на оваа статитика, односно колку постапки ќе бидат процесуирани пред суд“, изјави портпаролката на Вишиот суд во Белград, Бојана Станковиќ.
Податоците на Вишото обвинителство во Белград за 2017 година, покажуваат дека се покренати 20 постапки, од кои 19 случаи ги работеше одделението за високо-технолошки криминал. На прашањето зошто истрагите траат долго и зошто не добиваат судска завршница, стигна пишан одговор од ова обвинителство: „Што се однесува до постапувањето на обвинителството единствено можам да Ви кажам дека откако водењето на истрагата премина во наша надлежност, многу побрзо се завршува, отколку кога истрагата ја водеа истражни судии. И тука сме повеќекратно ефикасни отколку што беше случај пред октомври 2013 година“.
Но, не завршуваат сите случаи во фиока. Кога се нападнати новинарки на телевизијата Пинк, приватна медиумска куќа блиска до режимот, во септември 2017 година, за неколку месеци е подигнато обвинение, а судењето почнува во мај.
За поефикасна заштита на новинарите во Србија, во декемрви 2016 година, потпишана е Спогодба меѓу полицијата, обвинителството и седум новинарски и медиумски здруженија. Врз основа на таа спогодба, формирана е работна група во која пет здруженија го замрзнаа својот статус бидејќи не се преземаа конкретни мерки за решавање на нападот што се случи на инаугурацијата на претседателот на државата. Директорот на Фондацијата „Славко Чурувија“ Илир Гаши напоменува дека голема предност на Спогодбата било формирањето на мрежа на контакт точки, но дека е спорно тоа што реално таа не функционира.
„Контакт точките во таа мрежа се уште немаат никакво обврзувачко упатство за начинот на комуницирање, што значи дека кога на некој новинар нешто ќе му се случи и јас тогаш го барам обвинителството во некој град, прашање на волја на обвинителот е дали ќе реагира на повикот или не“.
За тромоста и неефикасноста на државата во заштита на новинарите можеби најдобро зборува фактот што уште не се решени убиствата на новинарите Дада Вујасиновиќ од 1994 година, Славко Чурувија 1999г. и Милан Пантиќ од 2001 година. Пред судот е единствено случајот Чурувија, кој е покренат 16 години по убиството и оваа година би требало да биде решен.