Кој е претседател на Венецуела? Крај на кризата или нејзино продлабочување

Венецуелската опозиција тргна во отворена борба против претседателот Николас Мадуро. За време на синоќешните протести во Каракас, опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се самопрогласи за претседател на Венецуела.

Пред Господ, Семоќниот, Венецуела, со почит кон моите колеги во Националното Собрание, се колнам дека формално ги преземам национално извршните овластувања како претседател одговорен за Венецуела, изјави Гуаидо.

Неколку минути по неговото обраѓање пред демонстрантите во Каракас, во очигледно координиран потег, Гуаидо беше признат за претседател на Венецуела од американскиот претседател Доналд Трамп. По САД признание пристигна и од седум Јужноамерикански земји предводени од Бразил и Аргентина, потоа Канада, Организацијата на американските држави и ЕУ. Како одговор, затекнатиот Мадуро издаде наредба за протерување на сите американски дипломати од Венецуела.

На овој историски ден на ослободувањето, на овој историски ден на реафирмација на суверенитетот, ќе потпишам дипломатска нота, давајќи им на сите дипломатски и конзуларни претставништва на САД во Венецуела, 72 часа да ја напуштат земјата, рече Мадуро.

САД сметаат дека поранешниот претседател Мадуро го нема правниот авторитет да прекинува дипломатски односи, напиша веднаш потоа Државниот секретар Мајк Помпео. Од сега па натаму, дипломатските односи со Венецуела САД ќе ги спроведуваат преку владата на привремениот претседател Хуан Гуаидо, дополни Помпео. Трамп пак во своето соопштение, го предупреди Мадуро да не презема чекори против безбедноста на Венецуелците, заканувајќи со нови санкции. Зборувајќи со американските новинари, Трамп го одбегна директното спомнување воена интервенција, но рече дека сите опции се на маса.

Не разгледуваме ништо, но сите опции се на маса, им рече Трамп на новинарите.

Чија ќе биде власта во Венецуела ќе одлучи токму армијата. Гуаидо ги повика да им се приклучат на демонстрантите, но министерот за одбрана Владимир Падрино тврди дека војниците нема да прифатат однадвор наметнат и самопрогласен претседател. Офицерскиот кор на венецуелската армија засега го подржува Мадуро, но прашањето е уште колку долго обичните војници ќе останат неми на се поголемиот немир во земјата.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ