
Климатските промени, најголемата закана за човештвото
Натуралистот, наратор и продуцент на голем број природонаучни документарни филмови, Сер Дејвид Атенборо климатските промени ги нарече најголемата закана за човештвото. По четири години штетните емисии се повторно во пораст, САД се повлекоа од Парискиот договор а индустријата за јаглен е во пораст. Зборувајќи на отварањето на климатскиот самит на ООН во Катовице, 92 годишниот натуралист порача дека климатските промени ќе доведат до пад на цивилизацијата и изумирање на голем дел од природниот свет.
Светската популација го кажа своето, нивната порака е јасна, времето истекува. Тие сакаат вие, носителите на одлуките да дејствувате сега, рече Атенборо.
Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш предупреди дека светот не прави доволно за да ја спречи катастрофата што следува поради климатските нарушувања. Потребна е комплетна трансформација на светската енергетска економија.
Ако не успееме Арктикот и Антартикот ќе продолжат да се топат, коралите ќе избледат и потоа ќе изумрат, океаните ќе пораснат, повеќе луѓе ќе умираат од аерозагадување, недостаток на вода ќе зафати значаен дел од човештвото а цените на катастрофите вртоглаво ќе пораснат, изјави Гутереш.
Стапувањето на сила на амбициозниот Париски договор се одвива многу бавно. Преговорите околу неговите технички апсекти ќе одземат голем дел од двонеделниот самит во Катовице. И иронијата за местоположбата на самитот не можеше да биде поголема. Полска е се уште држава длабоко зависна од јаглен, Катовице е седиште на најголемата компанија за јаглен во Европа и полската влада повеќе пати јавно застана во одбрана на оваа индустриска гранка, па дури најави и отварање на нов рудник во Силезија следната година.
Употребата на сопствените природни ресурси, во полскиот случај Јаглен, и засновањето на енергетската сигурност на нив не е во спортивност со климатската заштита и нејзиниот напредок, вели Дуда.
Сепак научната јавност оценува дека за прв пат по 2015 година постои нов ентузијазам за справување со климатските промени. Најавите од повеќето држави, како и присуството на 29 претседатели и премиери посочуваат дека Самитот во Катовице може да биде најважната средба за климатските промени по Парискиот договор.
Игор Трајков