
Ким се закани дека ќе ја откаже средбата со Трамп
Северна Кореја се закани дека ќе се повлече од самитот во Сингапур, на кој е најавена средба со американскиот претседател Доналд Трамп, ако Америка инсистира на целосно уништување на нуклеарното оружје на Пјонгјанг. Предупредувањето дојде само неколку часа откако Пјонгјанг ги суспендираше денешните разговори со Јужна Кореја, поради воените вежби кои ги изведува во соработка со Америка. Северна Кореја тврди дека во вежбите учествуваат американски невидливи ловци и бомбаредери Б-52, и за нив ова е провокација во време кога се затоплуваат односите на Корејскиот полуостров.
„Америка исто така ќе мора внимателно да размисли за судбината на Самитот Северна Кореја – САД, во светло на овој провокативен воен метеж кој заеднички го изведува со властите на Јужна Кореја“, кажаа на КЦНА – државната телевизија на Северна Кореја.
Но, Северна Кореја всушност ја лути неодамнешната изјава на главниот советник на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон. Откако Пјонгјанг и Сеул се согласија на историски мир без атомско оружје, Болтон изјави дека Северна Кореја би можела да го следи „либискиот модел“ за денуклеаризација.
„Дали претседателот Трамп ќе инсистира Ким да се откаже и предаде целото нуклеарно оружје, целото нуклеарно гориво, балистички проектили, пред САД да направат кави било отстапки“?
„Да, мислам дека денуклеаризацијата значи тоа, ние мислиме и на „либискиот модел“ од 2003-та, 2004-та, кажа Џон Болтон“, главен советник за Национална безбедност на САД.
За Северна Кореја ова барање е, како што велат, злобно, и одбива да биде притисната на еднострано уништување на своето нуклеарно оружје, а уште помалку да биде споредена со Либија. Оваа земја откако се согласи да ја уништи својата нуклеарна програма, ги подобри односите со Америка. Но, брзо потоа западните сили го нападнаа режимот на Гадафи, а тој беше убиен.
Северна Кореја потроши години за да го изгради својот скап нуклеарен арсенал само за да преживее меѓу најмоќните.
Денешниот нејзин потег е големо предупредување за администрацијата на Трамп, на кој му е важно Самитот во Сингапур да е успешен со цел да ја оправда стратегијата на притисок. Но, сега Америка ќе мора да и испрати некаква порака на Северна Кореја дека денуклеаризацијата не треба да е предуслов за да се гарантира нејзината безбедност.
Алиса Шутиновска