
Ќе успее ли новата косовска влада да најде заеднички јазик со Белград?
Опозицијата победи на предвремените парламентарни избори на Косово и направи пресврт во досегашната политика. Додека се броеа гласовите, водеше Демократскиот сојуз, но откако пристигнаа и гласовите од дијаспората, тесна победа од нецел процент прогласи националистичкото Движење Самоопределување на Албин Курти. Прославата започна на полноќ, со илјадници присутни, кои држеа транспаренти „Албин, те донесовме до овој ден, покажи ни го светлото“. Курти, се прогласи себеси за премиер и порача дека дојде крајот на заробено Косово.
- Сега отвораме ново поглавје за нашата република, бидејќи вие не донесовте тука да владееме, по оваа голема победа, која повеќе е ваша, отколку наша, рече Албин Курти.
Курти рече и дека ќе чукне на врата кај Демократскиот сојуз за да формираат коалиција, која веројатно ќе има повеќе од 60 пратеници. Двете партии, иако ветуваа борба против невработеноста, корупцијата и криминалот, сепак предизборно не сакаа да се договорат за заедничка коалција. Најмногу поради тоа што целосно се разликуваат во идеологиите. „Самоопределување“ се залага за директна демократија, и е против странско мешање во внатрешната политика. Но, лидерот Курти на синоќешниот говор најави соработка со САД, и западните партнери. За разлика од нив, Демократскиот сојуз е десничарска партија, водена од традиционалните вредности, која се надеваше дека на премиерското место ќе ја постави адвокатката Вјоса Османи.

Во меѓувреме, лидерите на поранешната владејачка ОВК, ги залекуваат раните. Го признаа поразот и најавија дека ќе делуваат како опозиција.
Но, ќе успее ли новата косовска влада да го обнови дијалогот со Белград. Единствената српска партија, Српска Листа освои десет пратеници во косовското собрание. За Вучиќ, ова е една од најголемите победи, остварена во најтешки услови. Се надева дека новата влада на Косово ќе биде разумна и ќе ги укине таксите воведени од претходниците, и ќе создаде пат за продолжување на дијалогот.
- Ќе бидеме подготвени да разговараме со легитимните албански претставници, кој и да е тоа, не сме ние тие што ќе ги избереме, не го ослободив јас Албин Курти од затвор (во Србија) туку ДОС, не соработував јас со него, туку некои други, но наше е да разговараме со нив и тоа ќе бидат многу тешки разговори. Тука нема голема филозофија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, на синоќешната вонредна прес конференција.
Курти во својот победнички говор рече дека под негово водство нема да се поставува прашањето што и дава Косово на Србија, во замена за признавање, туку кој е долгот кој Србија го има кон Косово.
Алиса Шутиноска