Ќе биде ли избран Ердоган за уште еден претседателски мандат?

Во 17 часот по локално време, во Турција се затворени гласачките места на вонредните претседателски и парламентарни избори. Првите резултати од гласањето се очекуваат вечерва.

Ова се први избори откако лани глатко помина референдумот за воведување претседателски систем и по неуспешниот државен удар во 2016 година.

Фаворит е актуелниот шеф, Реџеп Тајип Ердоган, кој речиси 16 години победува на сите избори во кои учествува.

Експерти тврдат дека политичкиот јаз во Турција денес е поголем од кога било досега и ако Ердоган победи на претседателските избори, тоа ќе биде врв на неговата кариера.

Но, ако сепак Ердоган не победи на претседателските избори во првиот круг и е принуден да оди во вториот круг, тоа би можело да остави голема дамка во неговата успешна кариера, велат аналитичарите.

Тој денеска дојде на галсање со фамилијата на гласачкото место во конзервативниот Ускудар, каде на минатогодишниот референдум за проширување на неговите овластувања беше поразен. Не застана да даде изјава за новинарите, придружуван од обезбедувањето си замина.

Кандидат на најсилната опозициска Народна републиканска партија е Мурарем Инџе. Најжестокиот критичар на Ердоган, лидерот на оваа партија денеска обвини за изборни нерегуларности.

Од омилен политичар во 2004, Ердоган помина неколку фази во својата кариера за сега да стане критикуван за авторитативност, како дома така и во ЕУ од каде го обвинуваат дека намерно ги кочи преговорите кои Турција ги води речиси половина век.

Анкетите во предизборниот период укажуваат дека Ердоган ќе добие меѓу 45 и 55 отсто поддршка од турските граѓани, но реалноста е сосема поинаква, затоа што, според многу толкувања на аналитичари, тој може да добие и 10 отсто помалку поддршка.

Денешната турска економија се соочува со зголемен број тешкотии – особено по неуспешниот обид за државен удар и вонредната состојба. Турската лира опадна за повеќе од 30 отсто, странските инвестиции во целина речиси и да нема, како и опаѓањето на довербата на другите земји во турската економија.

Покрај тоа, Турција во моментов е четврта меѓу земји со највисоки каматни стапки – по Аргентина, Венецуела и Иран.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ