
Катастрофален земјотрес ја погоди Индонезија – Бројот на жртви расте
Десетици жртви има во силниот земјотрес кој ја погоди Индонезија. Безбедносните служби на индонезија постојано излегуваат со нови бројки на човечки жртви чиј број се очекува да расте. Мерењата укажуваат дека земјотресот бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата макросеизмичка скала.
Епицентарот е лоциран на 43 километри од Западна Нуса Тенгара. Најголеми последици има на островите Бали и Ломбок каде има голем број на жртви и сериозна материјална штета. Ова се двата најпопуларни туристички острови во Индонезија со многу хотелски ресорти. На социјалните мрежи се шират видеа од жители на Индонезија и туристи со драматичните моменти кога почнува тресењето.
Голема паника настана во трговски центар во Бали каде следеше брза евакуација на посетителите. По земјотресот поставени се повеќе пунктови со шатори за прием на настраданото население кое останало без покрив над главата, а се прават обиди и за брза реакција на спасувачките служби.
Болницата Карангасем во Бали беше исто така силно оштетена. Поради закана од колабирање на конструкцијата пациентите беа евакуирани, додека пак тројца загинаа. Исто така на повеќе локации нема електрична енергија. Првично беше пуштен и аларм за опасност од цунами, но потоа предупредувањето беше прекинато. Според американскиот геолошки институт земјотресот бил на длабочина од 10,6 километри. Пред само една недела исто така силен земјотрес однесе десетина жртви во Индонезија.
Христијан Станоевиќ