Караница во живо во Белата Куќа

Караница без преседан во Овалната соба, каде пред запрепастените новинари, американскиот претседател се судри со демократските лидери, Чак Шумер од Сенатот и Ненси Пелози од Парламентот.

Јавна дебата или обид за смирување на страстите пред јавноста кој набрзо дегенерираше во караница околу финансирањето на Трамповата изборна фиксација, односно, ѕидот со Мексико. Дебатата заврши уште пред да почне, со Трамп кој отворено се закани со владин шатдаун, односно дека нема да го потпише финансирањето на сојузните владини институции и агенции, оставајќи ги без буџет и средства.

„Ова е навистина многу непријатно, дојдовме тука во знак на добра волја и сега одеднаш влегуваме во ваков вид на дискусии пред јавноста“.

„Не е лошо тоа Ненси, се вика транспарентност’.

„Не е транспарентност кога не се држиме до реалните факти и сакавме да имаме дебата со вас, но вие викате ги соочуваме со фактите, што не е вистина“.

„Сакаме безбедност на границата, за тоа и ќе збориме, за безбедност на границата. Доколку немаме безбедност на границата, ќе ја угасиме власта. На оваа земја и треба безбедност на границата. Ајде да разговараме, ќе го изградиме ѕидот и веќе доста од ѕидот направивме“.

Трамп бара 5 милијарди долари за изградба на ѕидот, но демократите се спремни да одобрат само 1,3 милијарди за гранична безбедност. Трамп претходно кажа и дека доколку не ги добие неопходните средства, ќе ја ангажира војската да го гради ѕидот.

Во секој случај, најверојатно е дека Трамп нема да добие ѕид, но ќе заврши со владин шатдаун. Буџетот за најголем дел од владините агенции е обезбеден до 21 декември. Оттука се навестува црн Божиќ за вработените во американската администрација, а непопуларната мерка може и дополнително да го спушти и онака не премногу сјајниот рејтинг на Трамп.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ