
Канада и САД постигнаа нов трговски договор
САД и Канада постигнаа нов трговски договор, кој ќе му се придружи на тој со Мексико и ќе го замени досегашниот Северноамерикански договор за слободна трговија, познат како НАФТА. Новиот договор вклучува поголем пристап на американските млечни производи до канадскиот пазар, а Канада ќе се заштити од евентуални американски царини во автомобилската индустрија.
„Денеска Канада и САД постигнаа договор, заедно со Мексико, за нов, модернизиран трговски договор за 21 век, Договорот САД, Канада, Мексико. Договорот ќе им обезбеди на нашите работници, фармери, ранчери и бизниси, трговски договор со високи стандарди, кои ќе резултираат со поотворен пазар, праведна трговска размена и робустен економски раст во нашиот регион“, изјавија во заедничко соопштение американскиот претставник за трговија Роберт Лајтхајзер и канадската министерка за надворешни работи Кристија Фриланд.
Претседателот Доналд Трамп од самото стапување на функцијата не ја криеше намерата да го поништи НАФТА и да постигне нов договор, кој според него ќе биде поповолен за САД.