Каков ќе биде „Редот и Напредокот“ на бразилскиот претседател Болсонаро?

На првиот ден од годината Жаир Болсонаро и официјално стапи на власт.

Лидерот на екстремната десница, поранешниот воен командант, со 25 годишен парламентарен стаж, познат пред се по своите контроверзни позиции околу воената диктатура во Бразил, правата на жените, хомосексуалците, домородците, ја презема 8-та економија во светот, најавувајќи револуција која ќе ги искорени социјалистите и ќе ја помести историската рамнотежа на светските сили и сојузи.

„Ветувам дека ќе го одржувам, бранам и исполнувам Уставот, почитувам законите, промовирам блогосостојбата на бразилскиот народ, одржувам унијата, интегритетот и независноста на Бразил“.

Болсонаро или тропскиот Трамп, чија влада наликува на воена касарна, со дури 8 министри од воените редови, е човек кој ги одржува своите ветувања.

Не поминаа ни три дена од инаугурацијата и еве како веќе Болсонаро донесе два важни мерки, навестувајќи ја опасната антидемократската физиономија на најголемата демократија во Јужна Америка.

Првата мерка е подарок за моќно аграрно лоби во Бразил. Раководењето со териториите каде живеат милиони домородци од преку 200 племиња, е одземена од рацете на националната фондација на домордоците, и дадена на Министерството за земјоделие.

Производителите на соја и големите земјопоседници, ќе одлучуваат за новите граници на домородните етнички малцинства, одземајќи огромни теритоии во Амазонија за нови пасишта и интезивно земјоделство.

Втората мерка е прв чекор кон укинување на родовиот идентитет. Се укинува одделот на различности, органот кој се грижеше за почитување на граѓанските права на сите малцинства, не само етнички, туку и сексуални.

Но, револуцијата на Болсонаро не е само домашна, тој изрази загриженост од руското мешање во Венецуела.

„Бразил е загрижен од тоа. Во последните 20-25 години нашите воени сили беа запоставени. Зошто? Од политички причини, затоа што ние, вооружените сили, бевме последната пречка против социјализмот. Денот кога ќе ни го скршат р’бетот, ќе наметнат состојба на исклучок како Чавез што направи таму“.

На речиси 200 години од америкаската доктрина Монро, Болсонаро најавува неформален сојуз со Трамп и отварање на Бразил за американски бази во земјата.

„Мојата блискост со Америка е економска, но би можела да биде и воена. Би можеле да се договориме за такво нешто во Бразил. Не сакаме светски сили во Јужна Америка, но моето разбирање е дека треба да имаме надмоќ. Физичкото присуство на САД е прашање на симболика“.

Болсонаро ги освои срцата на милиони Бразилци, привлечени од една стара пораката, „Ордем е Прогресо“ – „Ред и Напредок“, кои го красат бразилското знаме веќе 130 години.

Се бара ред во неиздржливата ниво на корупција, ред во безбедноста која носи преку 70 илјади жртви годишно од насилство и криминал. Од напредок се бара повторно раст на економијата по годините на криза и загубата од речиси 7 % на БДП.

Но, во носењето на своите мерки, Болсонаро ќе мора да се соочи федералниот поредок кој остава малку моќ во рацете на централната власт. Фрагментиран парламент составен од 30 партии кој нужно води кон компромиси и уценувања. Но, можеби најстрашното со радикален претседател, како и во случајот со Трамп, е што најверојатно Болсонаро ќе доведе до влошување на политичката клима, намалување на правата, па дури и до загрозување на самиот демократски поредок.

Фактот дека овој процес на демократски регрес не се случува само во Бразил, е многу слаба утеха.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ