
Јункер против драстично намалување на расходите за кохезиската политика на ЕУ
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, денеска ги презентираше своите ставови за клучните прашања од политиката на ЕУ на прес-конференција која траеше речиси еден час.
Јункер изрази поддршка за предвремено објавување на водечките кандидати за претседател на ЕК во изборите за европарламентарци следната година. Поранешните премиери на ЕУ ги исполнуваат сите услови за претседател на комисијата, додаде тој. Според него, водечките кандидати треба да се објават до крајот на оваа година.
Во одговор на новинарско прашање, Јункер објасни дека го поддржува намалувањето на буџетите за зближување (така наречена кохезиска политика), како и за земјоделството.
– Јас сум против драстични намалувања, рече тој.
Јункер ја бранеше својата визија за единствен претседател на Европската комисија и на Европскиот совет, но истакна дека ова не е прашање што треба да се реши во наредните месеци, туку е „долгорочна перспектива“. Тој прецизира дека сега, ако претседателите на двете институции се во конфликт, тоа би било катастрофално.
По повод предлозите за намалување на бројот на еврокомесари, Јункер рече дека првично имал тешкотии да измисли задолженија за 28 лица. Тој додаде дека ја разбира потребата секоја земја-членка на ЕУ да има комесар за да може комесарите да ја „преведат ЕУ“ во нивните земји. Претседателот на Европската комисија појасни дека одлуката за тоа колку еврокомесари треба да бидат е на владите.
Одговарајќи на новинарски прашања претседателот на ЕК рече дека очекува Варшава да ги приближи своите погледи кон ставовите на Комисијата. На прашањето за Турција, Јункер рече дека „целосно не се согласува со однесувањето“ на Анкара.