Јункер: Ниту една земја од Западен Балкан не ги исполнува условите

Во овој момент ниту една земја од Западен Балкан не ги исполнува условите за влез во ЕУ, оцени во Софија претседателот на ЕК Жан Клод Јункер.

„Тие што сакаат да и се приклучат на ЕУ треба да ги исполнат сите критериуми и услови за влез, но во овој момент ниту една од овие држави не ги исполнува и покрај тоа што има огромен напредок кај сите“, рече Јункер.

Унијата е силно ангажирана во одржувањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан но пред да стане збор за членство, тие мора претходно да ги решат билатералните спрови порача Јункер. Истите пораки Јункер им ги пренесе на сите влади за време на балканската турнеја, која заврши денеска во Софија.

„Ќе направиме се можеме и ќе работиме заедно во таа насока. Ја гледам истата желба и кај нашите партнери кои сакаат да ги направат реформите што се неопходни за приклучување на Унијата“, порача претседателот на ЕК.

Можностите за забрзување на процесот на интеграција на регионот во ЕУ и подобрување на меѓусебната поврзаност беа главни теми на состанокот во Софија.

„Балканот е дел од Европа и неговото вклучување во заедничкото европско поле на безбедност и економски развој е од стратешко значење за стабилноста на целата Унија“, вели бугарскиот премиер Борисов.

На средбата во Софија учествуваа претседателите и премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Од Унијата покрај Јункер беа и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ