
Јункер: ЕУ и Велика Британија треба да се однесуваат како два вљубени ежа
Европската унија и Велика Британија би требало една кон друга да се однесуваат како два вљубени ежа, кои не сакаат меѓусебно да се повредат, изјави претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер.
„Мораме да бидеме внимателни како два вљубени ежа“, посочи Јункер одговарајќи на прашање на австриските новинари за напредокот во преговорите за Брегзит.
Тој додаде дека „кога два ежа се прегрнуваат мора да бидат внимателни да нема гребнатини“.
Велика Британија ќе ја напушти Европската унија без договор ако нејзините лидери не ја омекнат својата позиција за ирската граница, изјави министерот за транспорт, Крис Грејлинг за Би-Би-Си.
„Тоа што ЕУ во моментов го бара по прашањето за Северна Ирска е едноставно невозможно да се прифати од која и да е британска влада. И ако тие останат на својата позиција, едноставно нема да има договор“, истакна Грејлинг.
Лидерите на ЕУ цврсто ја предупредија премиерката Тереза Меј дека ако не се откаже од трговските прашања и ирската граница до ноември, тие се подготвени да се справат со хаотичен излез на Велика Британија од унијата.