Јулија Скрипал отпуштена од болница

Ќерката на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал, која заедно со нејзиниот татко беше отруена со нервен агенс е отпушена од болница. Јулија Скрипал ја напуштила болницата синоќа и од страна на британските власти била префрлена на безбедна локација од каде ќе одлучи дали ќе прифати дополнителни мерки за нејзина заштита.

„Ова не е крај на нејзиното лекување но обележува важна пресвртница. Нејзиниот татко исто така добро напредува. Во петокот објавив дека повеќе не е во критична состојба, иако тој се опоравува побавно од Јулија, се надеваме дека и тој ќе може да ја напушти болницата наскоро“, изјави директорката на болницата Кристин Бланшард.

Јулија и нејзиниот татко Сергеј Скрипал на 4 март беа пронајдени во бесознание на клупа во Солсбери. Истрагата утврди дека биле затруени со нервениот агенс Новичок, на влезната врата од домот на Сергеј во Салсбери. Британската влада за труењето ја обвини Русија, по што следуваше серија протерувања на руски дипломати од повеќе западни земји. Москва која отфрла било каква одговорност за нападот, потера стотици странски дипломати и го затвори американскиот конзулат во Санкт Петерсбург.

„Ова е нешто ужасно што се случи во Обединетото кралство, но е дел од поголем модел на дејства кои ги гледаме од Русија, во смисол на нивните обиди да влијаат врз избори, нивната пропаганда, нивните сајбер напади и секако подршката која ја дадоа на режимот на Асад во Сирија“, вели премиерката Меј.

Британските медиуми шпекулираат дека таткото и ќерката Скрипал, по завршувањето на лекувањето ќе бидат преселени во САД, каде наводно, ќе добијат нови идентитети. Извори од британската влада за медиумите изјавиле дека се уште не било разговарано за тоа, но нивното префрлање во САД може да предизвика нов дипломатски инцидент, затоа што Јулија е руски државјанин и Москва бара конзуларен пристап до неа.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ