
Извлечени уште четворица заглавени од тајландската пештера, останатите ќе бидат спасувани утре
Заврши страдањето на четири момчиња кои се извлечени од пештерата во Тајланд денес, а уште четири заедно со својот тренер ќе почекаат на спасувачите најрано за десет часа да дојдат по нив.
Девет часа траеше акцијата за спасување на останатите заглавени. Утрината во 11 часот по локално време и со обновени залихи на кислород започна мисијата за која тајландските власти очекувааа да заврши побрзо и поефикасно од вчера.
Во извлекувањето на осумте момчиња денес и вчера учествуваа 13 странски нуркачи и пет добро обучени нуркачи од Тајланд.
„Постигнавме напредок. Спасените се среќни и се чувствуваат добро во болницата во Чианг Раи. Утринава еден од нив беше гладен и побара месо испечено со чили и босилек“ кажа Наронгсак Осатанакорн, заменик вршител на должноста гувернер на провинцијата Чианг Раи и шеф на спасувачката акција.
Условите во кои екипите работеа вчера во внатрешноста на пештерата Там Луанг беа опишани како најдобри досега. Водата која претходно се насобираше во отворите на пештерата била повлечена па спасувачите можеле да ги одведат спасените до простор меѓу карпите од каде што може пешки да се оди до излезот. Според властите времето е кратко, бидејќи заради поројните монсунски дождови целата работа досега може да биде залудна.
„Условите се уште се добри како што беа и вчера. Временските услови, нивото на водата, храброста кај момчињата. Ги анализиравме вчерашните резултати и разработивме подобар план за денес. Сметаме дека сме подготвени. Ја изведуваме акцијата порано бидејќи сме исплашени од дождот. Секој е подготвен. Вчера бевме за пет часа побрзи од планираното и ќе ја убрзаме операцијата денес“ кажа Наронгсак Осатанакорн, заменик вршител на должноста гувернер на провинцијата Чианг Раи и шеф на спасувачката акција.
На својата фејсбук страница синоќа, тајландските нуркачи ја споделија фотографијата со опис: „Ние, тајландски нуркачи, заедно со интернационалниот тим на нуркачи, подготвени сме да ги вратиме дома момчињата од фудбалскиот тим“.
Според проценките, децата и нивниот фудбалски тренер се заглавени околу четири километри во внатрешноста, измерено од влезот од кој влегле во пештерата. Таму се пронајдени и нивните велосипеди со кои оделе на тренинг. Се наоѓаат на околу 1200 метри под земја. Во близина на нивното засолниште спасувачките тимови ископаа над стотина дупки во планината како можни алтернативи за спасувачите, но поголемиот дел од нив се неупотребливи поради големото количество вода по дождовите.
Си-ен-ен објави дека спасувачката акција денес завршила и повторно ќе се чека на обновување на залихите кислород и прегрупирање на спасувачите, пред да се тргне и по останатите во пештерата.
Со цел да ги охрабри заглавените момчиња пред нивната најважна битка, претседателот на ФИФА ги покани преку официјално писмо, на Финалето на Светското првенство во Русија, ако се доволно закрепнати за пат наредната недела.
Петар Догов