
Извлечени сите момчиња од пештерата во Тајланд, една недела ќе комуницираат преку стакло со семејствата
Момчињата и нивниот тренер се надвор од пештерата по една од најделикатните спасувачки акции во поновата историја. Спасувањето заврши успешно иако екипите стравуваа дека поројните монсунски дождови во секој момент можат да ги вратат на почеток.
Тајландските и интернационални нуркачи преземаа ризик и во најбрзо време успеаа да ги спасат сите заробени во засолништето во пештерата Там Луанг, еден километар внатре во планината.
Веста за успешното спасување на момчињата ги воодушеви сите во нивното училиште.
„Наставниците и учениците се навистина блиски во нашето училиште. Постојано се поздравуваме со учениците. Ако тие се заглавени во пештера, јас би мислел на нив како да станува збор за мое дете, дефинитивно. Ако се заробени, би бил многу тажен за нив, би се грижел, онака како што би се грижел родител. Кога ние наставниците ги посетуваме родителите, ние сме загрижени исто како и нив. Сакам да се сретнам со децата, сакам да се вратат што е можно побрзо“, кажа Монгкол Кхонтом – Заменик директор на тајландското училиштето Мае Саи Праситсарт.
Тајландските нуркачи пред неколку часа на својот официјален фејсбук профил напишаа: „Денес е 10 јули, 2018 година. Денешниот ден ќе биде подолг од претходните два. Но, ќе славиме заедно“
Момчињата кои беа извадени од своето засолниште се чувствуваат добро. Потребно е да се рехабилитираат откако 17 дена поминаа заглавени во пештерата.
„Првите четворица пациенти беа на возраст од 14-16 години. Имаа ниска телесна температура. Внимаваме на нив и ги третираме со апаратура за загревање на телото. Дополнително, кај двајца констатиравме невообичаени резултати при зрачењето на белите дробови поради што се сомневаме дека станува збор за белодробни инфекции“, кажа Џедсада Чокдумронгсук – Секретар на Министерството за здравство на Тајланд.
Последен го извлекоа 25 годишниот фудбалски тренер. Тој беше посочуван како најголем виновник за состојбата во која се најдоа момчињата на 23 јуни. Сепак, реакциите на најблиските го говорат спротивното.
„Да не беше со нив, кој знае што ќе се случеше со моето дете“ рекла една од мајките на децата.
Извлечените момчиња се сместени во карантин и таму ќе останат една недела. Нивните семејства ги посетиле, но комуницираат преку стакло.
Иако се поканети да гостуваат на финалето на Светското фудбалско првенство, најверојатно тие ќе го гледаат натпреварот на телевизор во болницата кадешто ќе останат се додека не се опорават.
Петар Догов