Изгубените тајландски момчиња и нивниот тренер пронајдени живи во пештерата

„Ги најдовме и сите 13 од нив се живи“.

Вака гласат добрите вести од Тајланд каде од 23 јуни во една пештера се изгубија 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер.

„Сите се на безбедно. Тие се лоцирани од специјалните единици“, изјави Наронгсак Осотанакорн, регионалниот гувернер, ставајќи крај на масовната потрага, што цела држава ја држеше во неизвесност девет дена.

Сепак, тие се уште не се изведени на површина, што, исто така, ќе биде ризична и сложена операција поради надојдената вода и големи количества кал од монсуните, како и фактот дека децата во моментот се неподвижни.

Пронајдени се во полусвесна состојба, во сув дел од пештерата, еден вид на плажа во внатрешноста на пештерата.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер исчезнаа на 23 јуни, кога тргнале да го истражуваат пештерскиот систем Там Луанг во областа Чијанг Раи. Оттогаш, нивната судбина беше непозната.

„Тие се на сигурно, но нашата мисија не е комплетирана. Нашата мисија е барај, спаси, врати. Засега само ги пронајдовме“, додаде гувернерот.

Во импонетната операција за пронаоѓање за момчињата се вклучија спасувачки екипи од целиот свет, особено од Кина, Америка и Австралија. Цела земја 9 дена беше во анксиозно очекување на добри вести, не губејќи надеж дека изгубените се уште се живи.

Останува нејасно како момчињата и нивниот тренер ќе бидат извадени во пештерата, се очекува прво да се испрати специјален медицински тим кој е во способност да нурка. Условите во пештерата остануваат многу тешки и делот каде се наоѓаат момчињата е тешко екстремно тешко пристапен.

Да се извлечат живи е следниот голем предизвик на кој Тајланд и целиот свет се надеваат.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ