
Избори во Америка – Референдум за Трамп
На две години од изборот на Доналд Трамп, Америка се враќа на избори, овој пат мидтерм изборите, клучни за тоа кој ќе ги контролира Конгресот и Сенатот, како и некои од најважните држави во САД.
Утрешното гласање како ретко кога е референдум околу политиките на Трамп, и околу тоа да се разбере колкави ќе бидат слободата и овластувањата на претседателот.
Анкетите предвидуваат дека ќе биде многу тесно, рамо до рамо се демократите и републиканците на многу места, но се предвидува дека демократите ќе ја повратат контролата врз Парламентот, додека ќе останат со празни раце во Сенатот.
Во своите неверојатни вербални канонади Трамп, на кој во предизборието медиумите му утврдија дека исфрла и по 30 небулози или лаги дневно во етерот, дополнително ја подигна политичката тензија со својата токсична реторика. И покрај силните зборови и тврдите позиции, Трамп сепак срамежливо признава дека постои можност Конгресот да заврши во раце на демократите.
„Мислам дека ќе поминеме добро во Парламентот. Но, како што знаете мојот главен фокус беше на Сенатот. И мислам дека добро ни оди во Сенатот. Разликата е што јас не можам да водам кампања за сите членови во Конгресот. Но, можам да излезам и да им помогнам на сенаторите и мислам дека направив голема разлика. Мислам дека направив разлика од пет, шест или седум сенатори. Тоа е голема разлика“.
Во игра утре се сите 435 места во Конресот, и 35 од вкупно сто места во Сенатот. Покрај тоа ќе се изберат и гувернери во 36 сојузни држави, и овој пат рекорден е бројот на претставници од малцинствата, екс ветерани, социјалисти, како и од ЛГБТ заедницата.
Моментално, републиканците во Сенатот имаат 51 место, додека демократите имаат 49 места. Демократите ги чека тешката задача да одбранат 26 места, против само девет кај Републиканците. За пак да го вратат под контрола Парламентот, кој го изгубија во 2010 година, на демократите им е потребно да освојат 23 места моментално во рацете на републиканците. Според превизиите, шансите да успејат во Конгресот им се на високи 85 посто, но шанските истото да се случи во Сенатот се само 15 посто.
Трамп во последните 5 дена истрча буквално еден „тур де форс“, посетувајќи десет држави и одржувајќи жестоки митинзи. Во центарот на неговата дискусија е инвазијата на мигрантити од Средна Америка, на луѓе кои ги нарече како насилни и членови на банди. Втора клучна теза му е дека демократите се лопови и дека радикалните демократи сакаат да ја уништат економијата.
Наспроти реториката на Трамп, онаа на Обама, повторно на терен и во агресивна кампања за демократите, каде го брани своето политичко наследство, но и важноста од овие избори, според кои се одлучува за карактерот на САД и за нејзините вредности.
„Верувам во демократската платформа, но ви велам дека има нешто поголемо во залог од само партијата на овие избори. Влогот на овие избори е дали ќе добиеме политика и власт, и јавен живот кои се достоинствени и чесни и праведни. Имам надеж и дека покрај вревата и покрај сите лаги, ние ќе пресечеме преку се тоа. Ќе ни текне кои сме и што ни е повикот да бидеме. Имам надеж затоа што од оваа политичка темнина гледам големо будење низ целата земја“.
Да живеевме во нормални времиња, на власт да беа нормални политичари, околу американските мидтерм избори немаше да има никаква драма и се ќе беше јасно. Партијата која ја контролира власта и двата дома, ќе гo прегазеше политичкиот противник, зголемувајќи го своето мнозиство во Парламентот и зајакнувајќи го минималното мнозинство во Сенатот. Но, и за Америка и за светот ова не се нормални времиња и премногу работи зависат од овие избори.
Најголемиот непријател на Трамп е самиот Трамп. И ако успее да ги изгуби овие избори, ќе биде поради неговата стратегија на само еден човек кој доминира, на една идеја, на една насилна и токсична политика. Нешто што не и прилега на ниту една демократија, особено не на најстарата демократија на светот.
Ивор Мицковски