„Избори на половина мандат“ во САД

Во САД денеска се одржуваат избори за членови на Претставничкиот дом на Конгерсот, сенатори, гувернери како и претставници во државните законодавни тела и во органите на локалната власт. Т.н мидтерм избори се спроведуваат на средина од мандатот на актуелниот претседател и немаат директно влијание врз Доналд Трамп. Но неговиот ангажман во необично жестоката кампања, ги прави изборите еден вид на референдум за политиката на неговата администрација.

  • Контрастот во овие избори не може да биде појасен. Демократите создаваат толпи, тоа се случува. Републиканците отвораат работни места, рече Трамп.

Републиканците имаат мнозинство во актуелниот состав на Претставничкиот дом, но, аналитичарите проценуваат дека тие ќе ја загубат доминацијата во Долниот дом на Конгресот и мнозинството ќе го преземе Демократската партија. Тоа ќе им обезбеди платформа преку која ќе влијаат врз политиката на администрацијата на Трамп, блокирајќи некои од неговите законски проекти или усвојувајќи закони зад кои не стои Белата куќа.

  • Ако демократите добијат власт во вторник, еден од првите нивни проекти ќе биде социјалистичко преземање на американското здравство, порача Трамп.

Се предвидува дека демократите ќе освојат околу 225 места во Претставничкиот дом, а републиканците околу 210. Белата куќа свесна дека најверојатно ќе го загуби мнозинството во Претставничкиот дом, кампањата ја насочи на изборите за Сенатот. Се бираат 35 места во Сенатот, од кои 26 во моментов се демократи, а деветмина се републиканци. Токму значително поголемиот број демократски сенатори што одат на реизбор, според аналитичарите, и дава на Републиканската партија поголеми шанси да го задржи тесното мнозинство во Сенатот.

  • Ова е најдобрата економија во историјата на нашата голема држава. И е најрастечкиот пазар на работни места на планетата Земја, но се што постигнавме ќе биде ставено во прашање утре. Се, затоа што тие ќе го уништат исто толку брзо колку што ние го изградивме, рече Трамп.

Паралелно со изборите за Конгерсот, денеска ќе се избраат и гувернери на 36 американски сојузни држави, членови на државни парламенти, како и некои претставници на органите на локалната власт, вклучително и градоначалник на главниот град Вашингтон. Очекувањата се дека излезноста ќе биде рекордна за овие избори и тие пред се се темелат на политичката мобилизација кај младината како и најголемиот број женски кандидати на избори во САД.

 

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ