
Еврофокус: Италијанското искуство со Ковид 19 предупредување за европските земји во борбата против корона вирусот
Со затворени граници и карантин на милиони луѓе, Европа се обидува да се справи со пандемијата корона вирус.
Никој засега не може да каже колку долго ќе трае здравствената криза и колку човечки животи ќе однесе.
Расте бројот на жртвите во Шпанија, Франција, Германија и другите европски држави, но и натаму пандемијата е најсмртоносна во Италија.
Луѓето кои се во првите редови на фронтот во војната против Ковид 19 во Италија апелираат до своите колеги и властите во другите држави да подготват нови одделенија за интензивна нега што е можно поскоро, за да се справат со последиците од ширењето на пандемијата.
Професорот Серџо Катанео, директор на одделот за анестезиологија и интензивна терапија во болница во Бреша раскажува како тие морале да се прилагодат на пандемијата и капацитетите со кои располагале.
“Ова одделение беше празно до пред две недели и со влошувањето на епидемијата, го формиравме и завршивме за 6 дена. 6 кревети за интензивна нега имаме тука сега” – вели професорот Катанео.
Италијанското искуство е слично на ситуацијата во Вухан, брзо ширење на епидемијата во услови на слаби мерки за заштита од вируот.
“Овој графикон ја покажува кривата на растот на епидемијата во провинцијата Вухан, која може да видиме дека е повеќе или помалку слична со кривата на епидемијата во Италија” – тврди италијанскиот професор.
Професорот Катанео работи во граѓанската болница во Бреша, во најтешко погодената провинција во Италија.
Ломбардија може да се пофали со еден од најдобрите здравствени системи во Европа. Со 750 до 800 кревети за интензивна нега за популација од над 10 милиони луѓе, најчесто ги задоволува своите потреби но им помага и на другите региони во државата.
Но епидемијата на новиот корона вирус целосно ги надминала и најцрните прогнози на здравствените експерти, во поглед на брзината на нејзиното ширење.
“Тоа што е навистина шокантно, нешто што не можевме да го предвидиме и што не урна на коленици , е брзото ширење на епидемијата. За две недели, сега веќе три од почетокот на епидемијата, сместивме вкупно 1200 пациенти на интензивна нега. Во овој момент, додека зборуваме, имаме преку 850 пациенти со корона вирус на интензивна терапија” – предупредува Катанео..
Со огромниот прилив на пациенти на кои им е потребна интензивна нега, лекарите се принудени да импровизираат, да се обидат секојдневно да го достигнат новиот раст на епидемијата, што создава огромен стрес на целиот систем.
Нивниот фокус е на создавањето поголеми капацитети за интензивна нега а за таа цел се затвораат и хируршки сали, кои не се сметаат за неопходни.
“Тајната е во тоа, ова треба да е порака и за државите во странство, да се дејствува брзо за овој проблем, за да се избегне тоа што ние моравме да го правиме, да ја бркаме болеста ден за ден. Целта е да се антиципира, што значи да се создадат структури кои може да дадат интензивна терапија. Тоа што ние го правевме а тоа делумно не спаси, е да го намалиме бројот на операциите за да ги пренасочиме човечките и материјалните ресурси на интензивната терапија” – советува професорот Катанео.
Тој предупредува дека доколку ширењето на епидемијата не се стави под контрола, ќе доведе до целосен колапс на болниците, дури и во земјите и регионите со одлични здравствени системи како италијанскиот.
Со цел да се справат со драматичниот број нови случаи корона вирус, оваа болница создала и импровизирана структура за брзо тестирање на луѓето, каде постојано доаѓаат нови болни, голем број од нив со тешки симптоми.
“Речиси сите луѓе кои доаѓаат тука имаат интерстицијална пневмонија, која е манифестна болест на овој вид вирус, на болеста Ковид-19, односно прогресивен респираторен колапс а бројот на луѓето кои самите доаѓаат тука и пријавуваат вакви симптоми е зголемен” – вели директорката на службаат за итна помош во Бреша, Џована Пероне.
Лекарите експериментираат и со различни анти-вирусни лекови во обид да најдат терапија која би можела да им помогне на луѓето, но светот е се уште далеку од научно потврдена терапија која би можела да се опише како ефикасен лек. Докторите и сестрите се изложени и на најголем ризик од инфицирање со вирусот. Според некои проценки, околу 20% од нив досега се заразиле со корона вирусот а
медицинскиот персонал е под огромен стрес и од обемот на работата.
“Во просек, медицинскиот персонал во оваа структура работи по смени од 14 часа а некои се подолги и од 18 часа. Нашиот семеен живот исто така е драматично променет, затоа што или живееме во само – изолација во нашите домови, заради стравот да не направиме проблем, или пак спиеме на други места во некои случаи” – оценува координаторот на сестрите во службата за итна помош во Бреша, Фабио Аригини.
И покрај херојските напори на лекарите и медицинските сестри, Ломбардија продолжува да бележи драматичен пораст на смртните случаи.
Ковид 19 е особено смртоносен за постарите луѓе во Италија и најголемиот дел од смртните случаи се на возраст од 80 до 89 години.
Со конвој воени возила, италијанската армија ги пренесуваше ковчезите на починатите во градот Бергамо, кој е меѓу најтешко погодените урбани средини во државата.
Починатите беа пренесени до крематориумите во други места во државата, бидејќи тие во Бергамо едноставно не можат да постигнат.
Овие морбидни слики се можеби и најдобрата илустрација за трагедијата која ја зафати Италија, но и најсилното предупредување за останатите држави и за потребата од сериозен пристап во борбата против пандемијата.
Никола Илиевски