Историската прва средба меѓу Американскиот претседател и севернокорејскиот лидер траеше 38 минути

Само 38 минути траеше самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг ун. Подготовките за историската средба меѓу двајцата лидери траеја со месеци, особено ако се земе в предвид дека пред една година земјите беа на раб на војна а лидерите секојдневно разменуваа закани.

„Многумина ширум светот гледајќи го ова ќе мислат дека станува збор за сцена од научно фантастичен филм“, креативно ги сумираше чуствата севернокорејскиот лидер.

Аналитичарите останаа поделени во поглед на целта и симболиката на средбата и особено ракувањето меѓу двајцата лидери. Дел сметаат дека е огромен чекор во вистинската насока, додека другите обвинија дека со тој чин му се дава легитимитет на светската сцена на еден тиранин.

„Ракувањето денеска во Сингапур меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг ун траеше 13 секунди. Симболиката, испреплетените севернокорејски и американски знамиња во позадината одекнаа во двете Кореи, САД и низ целиот свет“, вели Фостер Клуг од азиската канцеларија ан Асошиејтед прес.

На крајот од самитот лидерите потпишаа, како што го нарече Трамп „сеопфатен“ документ, но никој не ја соопшти неговата содржина. Американскиот претседател само кусо оцени дека и двете страни ќе бидат импресионирани од резултатите.

„Многу добра вољја се внесе во ова, многу работа и многу подготовки. Сакам да им се заблагодарам на сите и од двете страни“, изјави Трамп.

Одлучивме да го оставиме минатото рече Ким додека Трамп зборуваше за специјалната поврзаност која ја откриле лидерите. Сепак аналитичарите се сомневаат во резултатите. Севернокорејскиот лидер порача дека светот ќе посведочи големи промени и дел од нив се надеваат дека самитот ќе понуди пат кон конечен договор, додека останатите тврдат дека ова е уште една пропагандна победа на Ким.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ