Искра Димитрова низ „ Траги“ ја кажува својата вистина за „Трите врби на Вардар“

Молчеше 7 години, посветувајќи се на перформанси со животни, а сега реши да проговори. Визуелната уметница Искра Димитрова, низ инсталацијата, насловена „ Траги“, која од вечерва е достапна за посетителите во Чифте амам, го крева гласот против негативниот третман на нејзиниот проект од 2012 година „ Три врби во Вардар“, кој , како што вели, дополнително беше вклучен во проектот „ Скопје 2014“.

  • Оваа изложба зборува за третманот на едно уметничко дело. Односно, како оваа средина прифати едно современо уметничко дело, како се однесуваше, како дозволи најголемите ликовни критичари да бидат политичарите , да се манипулира, да биде цел на политичка пресметка, вели  Искра Димитрова- авторка на инсталацијата „ Траги“

Како врбите, именувани, Вера, Надеж и Љубов беа третирани од граѓаните, без да ја препознаат субверзивната еколошка порака, каков е статусот на ликовната уметност и на ликовните критичари, денес и како политичарите влијаат на уметноста и ја користат за свои цели, се исто така прашања на кои проектот „ Траги “, дава одговор, вели Димитрова. Тој ќе се одвива во темни галериски простори. Вклучува церада со принт од спогодбата за раскинување на договорот за проектот „ Три врби во Вардар“, со Министерството за култура , видео на кое се прикажуваат слични светски еколошки проекти, пораки од социјалните мрежи, пластични чаши и кесиња, расфрлани на подот и др.

  • Значи се зборува за екологија од сите аспекти. И од аспект на етичката страна и од аспект на нашиот третман на ѓубрето и од аспект на третманот на зеленилото, вели Искра.

Куратори на изложбата „ Траги“, се Лазо Плавевски и Владимир Јанчевски, а таа за јавноста ќе биде отворена до 15 јуни.

 

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ