
Ирска го легализираше абортусот на референдум
Ирските граѓани изгласаа либерализација на еден од најстрогите закони во светот во однос на абортусот, покажаа резултатите од излезните анкети по вчерашниот референдум во земјата.
Според податоците на ирската агенција за истражување на пазарот Ипсос, повеќе од две третини од граѓаните во петокот гласале за легализација на абортусот. Нацијата некогаш длабоко приврзана кон принципите на католичката црква ја поддржа либерализацијата на законот со 68 наспроти 32 отсто од гласовите, покажаа резултатите од излезните анкети. Броењето на гласовите почна утрово, а треба да заврши доцна попладнево кога се очекуваат и официјалните резултати. Сепак, главната група, која се противи на либерализацијата на ирскиот закон за абортусот, денеска веќе го призна поразот.
Граѓаните на референдумот беа прашани дали сакаат да се поништи уставниот амандман од 1983 година што на нероденото дете и на мајката им дава еднакво право на живот. Забраната на абортусот во таа земја беше делумно укината во 2013 година, и тоа само во случаите кога животот на мајката е загрозен.