
Иран се „расфрла“ со обвинувања за вчерашниот терористички напад
Иранскиот претседател Хасан Рохани упати остри критики кон САД по вчерашниот терористички напад за време на воена парада. Според Рохани, насилниците од САД заедно со заливските држави ги спонзорираат арапските сепаратистички групи во Иран.
„Нас ни е кристално јасно кој го изврши ова, која е групата и со кого се поврзани. Сега одговорност мора да преземат тие кои тврдат дека ги застапуваат човековите права на меѓународната сцена. Сите овие мали платенички држави во регионот се спонзорирани од Америка“, рече Рохани.
Рохани не посочи директно ниту една држава кога рече платенички држави, но се верува дека изјавата е наменета за Саудиска Арабија, која е долгогодишен сојузник на САД во Заливот.
„Американците ги поттикнуваат и ги обезбедуваат со потребните средства за извршување на овие злосторства. Овие инциденти немаат никакво влијание врз нашата волја“, тврди Рохани.
Групата Национален отпор за Аваз ја презеде одговорноста за нападот во кој загинаа 25 лица а 60 беа повредени. Рохани уште вчера, веднаш по нападот вети дека Техеран ќе одговори брзо и одлучно. Ова не претставува само безбедносен пропуст, туку и напад врз иранската гордост.
„Иран никако нема да го премолчи ова, особено затоа што ова беше безбедносен пропуст за време на воена парада, која е извор на иранската моќ. Иран нема да го остави ова без одговор“, оценува политичкиот аналитичар Мохамед Гарави.
Покрај САД, Иран ги обвини и амбасадите на Обединетото Кралство, Холандија и Данска во Техеран, дека им обебзедуваат подршка на арапските сепаратистички групи во земјата.
Игор Трајков