
Иран ракетираше две ирачки бази со американски војници
Иран лансираше најмалку 15 балистички ракети врз две бази во Ирак во кои се сместени американски војници, како одмазда за убиството на командантот на Револуционерната гарда Кудс, Касим Сулејмани. Револуционерната гарда предупреди дека сите подржувачи на САД во регионот ќе бидат на мета.
Ги предупредуваме сите американски сојузници, кои им имаат отстапено бази за нивната терористичка армија, дека секоја територија која ќе биде појдовна точка за агресивни акции против Иран, ќе биде на мета,
се вели во нивното соопштение.
Врховниот лидер Ајтолахот Хамнеи изјави дека нападот е „шлаканица во лицето на САД“ а претседателот Хасан Рохани надоврзувајќи се на него порача дека Иран ќе им ги отсече нозете на САД во регионот.
Одмаздата е да се исфрли Америка од овој регион. Вистинската одмазда и крајниот одговор на народите во регионот е кога Америка ќе биде исфрлена од овој регион и нејзините агресивни раце засекогаш отсечени,
изјави Рохани.
Како одговор на заканите кон американските сојузници во регионот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека САД немаат поголем пријател од Израел и дека секогаш ќе ги подржуваат.
Она што отворено го велам денеска тука и што сум го рекол изминативе денови а многу, многу лидери на Блискиот Исток го знаат. Многу е важно да се каже, како што го правам и сега, дека Израел целосно стои покрај САД,
порача Нетанјаху.
Иранската државна телевизија објави дека во нападите врз двете бази во Ирак, Ирбил и Ал Асад, се убиени најмалку 80 „американски терористи“, но ниту еден друг независен извор не ги потврди нивните инфомрации.
Првичниот одговор од Вашингтон на првиот директен ирански напад врз американски персонал уште од преземањето на амбасадата во Техеран во 1979 година, за сега е прилично тивок. Американскиот претседател на твитер напиша дека „се е во ред“ и се уште се пресметуваат штетата и жртвите.
Интересно, покрај тишината од Вашингтон, иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, за разлика од претседателот и врховниот лидер, употреби далеку поумерен јазик. Нападот го оправда како самоодбрана која произлегува од членот 51 од Повелбата на ООН додавајќи дека не бараат ескалација или отворена војна. За познавачите на состојбите во регионот тоа сигнализира дека Техеран е подготвен да повлече линија под приказната за убиството на Сулејмани и секој понатамошен развој на ситуацијата го става исклучиво под одговорност на Вашингтон.
Игор Трајков