Иран ракетираше бази во Ирак со американски војници, нема податоци за жртви

Иран лансираше десетина балистички ракети на две бази во Ирак во кои се сместени американски војници, како одмазда за убиството на командантот на Револуционерната гарда Кудс, Касим Сулејмани“.

Револуционерната гарда предупреди дека сите подржувачи на САД во регионот ќе бидат на мета.

Ги предупредуваме сите американски сојузници, кои им имаат отстапено бази за нивната терористичка армија, дека секоја територија која ќе биде појдовна точка за агресивни акции против Иран, ќе биде на мета,

се вели во нивното соопштение.

Иранската државна телевизија објави дека во нападите врз двете бази во Ирак, Ирбил и Ал Асад, се убиени најмалку 80 „американски терористи“.

Врховниот лидер Ајтолахот Хамнеи изјави дека нападот е „шлаканица во лицето на САД“.

Кога станува збор за конфронтација, воена акција од овој тип не е доволна. Важно е дека коруптивното присуство на САД треба да дојде до својот крај,

порача Хамнеи.

Првичниот одговор од Вашингтон на првиот директен ирански напад врз американски персонал уште од преземањето на амбасадата во Техеран во 1979 година, за сега е прилично тивок. Американскиот претседател на твитер напиша дека „се е во ред“ и се уште се пресметуваат штетата и жртвите.

Пред да се соопштат податоците за евентуални жртви, се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, која напиша на Твитер дека ракетите се лансирани од Иран на две воени бази во Ирак.

Во тек е проценка на штети и жртви. Засега се е добро. Ја имаме најмоќната и најопремената војска на светот,

напиша претходно Трамп и најави скоро обраќање.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф посочи дека Иран презел пропорционални мерки во самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН и врз основа на тоа од каде е извршен „кукавичкиот напад“ против иранските државјани.

Не сакаме ескалација или војна, но ќе се браниме од агресија,

напиша Зариф на Твитер.
Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ