
Иран призна дека го соборил украинскиот патнички авион
Откако повеќепати ги негираше тврдењата на повеќе западни лидери, официјален Техеран денеска конечно ја призна страотната вистина – дека исламската република го соборила украинскиот авион и е одговорна за смртта на 176 патници и членови на екипажот.
Иранскиот претседател Хасан Рухани преку твитер соопшти дека истрагата која ја спровеле надлежните органи утврдила дека ракетите биле истрелани заради човечка грешка, која ја опиша како катастрофална и непростлива.
Според соопштението од иранската армија, кое беше прочитано и на националната телевизија, украинскиот авион се движел кон база на иранската револуционерна гарда, на височина и во позиција заради која бил погрешно идентификуван како непријателска цел и бил соборен од противвоздушната одбрана.
Лична одговорност за трагедијата презеде командантот на иранската противвоздушна одбрана, генералот Али Хаџизадех.
“Кога бев сигурен дека овој инцидент се случил, јас навистина посакав смрт за себе и посакав да сум мртов за да не бидам сведок на ваков инцидент” – изјави генералот Амир Али Хаџизадех, командант на противвоздушните сили на револуционерната гарда.
Шефот на иранската дипломатија, Мохамед Џавад Зариф, изрази длабоко жалење и извинување до семејствата на загинатите и државите чии граѓани тие беа, не пропуштајќи во својата објава на твитер да подвлече дека оваа човечка грешка сепак се случила во кризна ситуација предизвикана од американскиот авантуризам.
Откако Иран ја призна вината, денеска се појави и видео снимка на која е снимено паѓањето на украинскиот авион, откако бил погоден со проектилот. Снимката е направена од возило во движење и на него се гледа и мигот кога леталото удира на земјата и го осветлува ноќното небо над Техеран.
Украинскиот патнички авион беше соборен во среда, само неколку часа откако Иран со проектили гаѓање две бази во Ирак во кои се сместени американските војници, како одмазда за убиството на командантот на специјалните сили, Касим Сулејмани, кој беше елиминиран во напад со американски дрон во близината на аеродромот во Багдад.
Украинскиот авион од типот Боинг 737-800, кој летал кон Киев, беше соборен во близината на аеродромот Имам Хомеини набргу по полетувањето.
Меѓу жртвите има десетина иранци и канаѓани, како и државјани на Украина, Авганистан и Германија.
Никола Илиевски