
Иран предупреден дека ќе плати пеколна цена ако повторно ја изигра Америка
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џон Болтон, ги предупреди лидерите на Иран дека ќе платат висока цена доколку ги изиграат САД. Предупредувањето од Болтон пристигна неколку часа по обраќањето на Трамп, кој го обвини Иран дека шири хаос, смрт и уништување низ Блискиот Исток. Болтон посочи дека Вашингтон будно ќе го следи Техеран и неговите активности во регионот.
- Според верските учители во Техеран, ние сме големиот Сатана. Владетел на подземјето, господар на разбеснетиот пекол. Затоа би можел да очекувам дека ќе ме сфатат сериозно кога денеска ќе ги уверам дека доколку не изиграте нас, или нашите сојузници или партнери, ако ги повредите нашите граѓани, ако продолжете со лаги и измами. Да навистина ќе има пеколна цена за плаќање, изјави Болтон.
Поранешниот американски амбасдор во ОН е жесток критичар на Иран и заговорник на воено разрешување на иранското нуклеарно прашање. Остриот говор на Болтон беше предизвикан од најавите на останатите потписнички на договорот со Иран за создавање специјален систем за префрлање средства на Техеран, со кој би се заобиколиле американските санкции.
- Исто така се разгледа и процесот за изнаоѓање и операционализација на практични решенија за прашањата покренати од едностраното повлекување на САД од договорот и враќањето на сакнциите, соопшти Федерика Могерини, високата претставничка за надворешна политика на ЕУ.
Најавата беше критикувана и од Државниот секретар Мајк Помпео, кој ја нарече нај контрапродуктивната мерка за регионалната и глобална безбедност.
- Со одржувањето на приходите на режимот, вие ја зацврстувате позицијата на Иран како број еден државен спонзор на тероризам, го овозможувате насилниот извоз на револуција и го правите режимот уште побогат, додека Иранците едвај преживуваат, рече Помпео.
Доналд Трамп беше гласен критичар на иранскиот нуклеарен договор, постигнат од Обама, и често пати го нарекуваше најлошиот можен договор. Тој ги повлече САД од договорот и најави нови санкции кои ќе стапат на сила на 5 ноември, затоа што Техеран не прекинал со своите непријателски активности кон соседните држави од Блискиот Исток.
Игор Трјков