Иран по грешка го соборил украинскиот авион?

Иран по грешка го соборил украинскиот авион кој се урна вчера во близината на Техеран со 176 патници и членови на екипажот, пренесуваат американските медиуми.

Американските претставници соопштија дека веруваат дека украинскиот авион боинг 737 – 800 бил погоден од проектил, пренесе телевизијата СИ-БИ-ЕС.

Украина претходно соопшти дека ја испитува можноста дека ракетен напад го соборил авионот, но Иран ја отфрли таа можност.

Падот на украинскиот авион се случи само неколку часа откако Иран ги изведе ракетните напади на двете воздушни бази во кои се сместени американските трупи во Ирак.

СИ-БИ-ЕС повикувајќи се на разузнавачки информации на САД соопшти дека сателитте детектирале инфрацрвени потврди за лансирање на два проектили од Иран, по што следела уште еден траг за експлозија во воздух.

Истовремено, и магазинот Њузвик, повикувајќи се на извори од Пентагон и американското и ирачкото разузнавање, пренесе дека веруваат дека украинскиот авион бил погоден од рускиот проектил Тор.

Денеска и американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека и тој се сомнева дека украинскиот авион бил соборен од проектил.

Јас имам свои сомнежи. Не сакам да кажам дека Иран се виновни, но и други луѓе се сомневаат во тоа. Ова е трагичен настан, трагичен настан. Некој можеби направил грешка од другата страна, можело да се случи грешка–изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

По ескалацијата на тензиите предизвикани од убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани на 3-ти Јануари, Иран соопшти дека нема да ги предаде црните кутии од украинскиот авион на компанијата произведувач Боинг или пак на Соединетите држави.

Според глобалните авијациски правила Иран има право да ја води истрагата, но вообичаено во неа се инволвирани и компаниите кои ги произведуваат леталата.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ