
Иран ја чека одлуката на Америка дали ќе се повлече од нуклеарниот договор
Во очекување на денешната одлука на американскиот претседател Трамп за тоа дали Америка ќе се повлече од нуклеарната спогодба со Техеран, неговиот ирански колега изутринава изјави дека е можно Иран да се соочи со мали проблеми, но дека сепак ќе ги надмине.
„Исклучителни ситуации можат да се случат во секое време. Можно е одредена личност да застане на чело на една земја и да создава необични ситуации. Овие работи се случуваат во светот но ние ќе поминеме низ тоа. За два-три месеци може да имаме проблеми, но ќе ги надминеме. Основата на политиката е да соработуваме со светот и да бидеме конструктивни со сите земји“, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани.
Без директно да го именува Трамп, ова е и првата рекација на Иран, откако синоќа американскиот претседател на Твитер објави дека денеска во 14 часот по локално време ќе ја објави својата одлука.
Рохани, претходно кажа дека Техеран може да остане членка на нуклеарното договор, дури и ако Вашингтон се повлече, доволно е останатите земји да ги гарантираат иранските очекувања. Тој ги предупреди американците дека ако се повлечат ќе бидат главните губитници.
И пред да стапи на должност, Трамп ја критикуваше оваа спогодба што Иран ја договори со шест светски сили. Трамп се заканува дека ќе ја напушти ако до 12-ти мај европските потписнички не ја дополнат со измени кои треба да ги поправат, според Трамп, ужасните недостатоци. Договорот, потпишан пред три години, ја ограничува иранската програма за збогатен ураниум да не се употреби за развој на атомско оружје, а за возврат на Иран му се укинати голем дел од санкциите пред две години. Франција, Германија и Велика Британија, како европски потписници остануваат верни на овој договор, но во желбата да ја задоволат и Америка подготвени се да разговараат за проширување договорот со нови обврски.
Алиса Шутиноска