Иран инсистира самостојно да ја води истрагата за урнатиот авион

Украинскиот авион кој вчера се урна во Техеран со 167 патници и членови на екипажот кратко по полетувањето, повторно свртел кон аеродромот да слета, тврдат иранските власти. Според нив во авионот најверојатно се појавил некаков технички проблем а очевидци им посведочиле дека виделе како авионот гори пред да се урне. Спротивно на тоа, податоците на Украинската авиокомпанија, кои се достапни онлајн не покажуваат никако технички проблем. Авионот нормално се искачил до 2.400 метри височина, по што прекинува трансмисијата на податоци до централата во Украина. Екпертите посочуваат дека тоа би значело дека се случил катастрофален инцидент во леталото но за сега немаат доволно податоци да откријат точно каков. Тие посочуваат дека дури и да бил запален едниот мотор, Боинг 737-800 е дизајниран да проложи да лета. Иранците веднаш отфрлија поврзаност со тероризам а западните земји не гледаат никаква поврзаност со ракетните напади извршени само неколку часа претходно врз Ирак. Во телевизиско обраќање украинскиот претседател им порача на граѓаните да не веруваат во дезинформации и да го почекаат официјалниот извештај. Вистината сигурно ќе биде откриена рече тој.

Би сакал да потенцирам дека пред и по полетувањето, како и по уривањето на Меѓународниот аеродром во Техеран, меѓународни авиони, вклучувајќи и европски авиокомпании, слетуваа и полетуваа. Летовите беа запрени само од страна на САД. Ниту една друга држава не им забрани на своите авиокомпании да го надлетуваат Иран, ниту пак откажаа летови тоа утро, рече Зеленски.

Иранската организација за цивилна авијација соопшти дека ги испратила првичните информации од истрагата до земјите чии граѓани загинаа во несреќата, како и до земјата во која бил произведен авионот САД. Но негираа дека ќе ги дадат црните кутии на испитување кај производителот, како што е вообичаено во случаите на авионски несреќи и дека истрагата ќе ја водат самостојно а Украинците може да учествуваат како набљудувачи. Канадскиот премиер Џастин Трудо, од каде покрај Украинците, Канаѓаните се најбројни меѓу загинатите, порача дека Канада може многу да придонесе во истрагата.

Убеден сум дека ќе можеме да бидеме дел од истрагата. Ова секако е нешто кое го сфаќаме многу сериозно и е нешто во што Канада е една од малкуте држави со висок степен на експертиза, кога станува збор за вакви несреќи. И според тоа имаме многу да придонесеме, порача Трудо.

Покрај водењето и учеството во истрагата, несогласувања се појавија и за националноста на патниците. Иранските власти тврдат дека во авионот имало 147 ирански државјани, што наведува дека дури 65 од жртвите имале двојно државјанство. Трудо пат посочи дека 138 од патниците требало да продолжат за Канада преку Киев. Официјалните бројки на украинската авиокомпанија се 82 Иранци, 63 Канаѓани, 11 Украинци, 10 Швеѓани, 4 Афганистанци и по тројца Британци и Германци. 15 од загинатите биле деца.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ