Иран, Хамнеи: „Трамп е глупав и површен“ – Европската дипломатија работи да го спаси нуклеарниот договор

Ден по одлуката на Трамп да ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор, европските канцеларии и дипломатија се дадоа на работа да го спасат договорот.

Попладнево се очекува телефонски разговор помеѓу францускиот претседател Макрон и неговиот ирански колега Рохани. Самит на министрите за надворешни на Франција, Германија и Британија заедно Иранците, набрзина е договорен за во понеделник.

Европската дипломатија се обидува како знае да ја испрати пораката дека договорот не е мртов.

„Постои Агенцијата за атомска енергија, признаена од сите, која јас ја почитувам и која редовно објавува извештаи кои докажуваат дека Иран го почитува договореното. Сериозноста на целата ситуација произлегува од прекршувањето на меѓународна посветеност од страна на САД и Франција длабоко жали за таквата одлука“, кажа францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан.

Францускиот министер најави дека Макрон ќе разговара со иранската страна и ќе ја потврди француската волја да остане дел од договорот, договорот не е мртов повторува Париз.

Слични се ставовите и на останатите европски потписници.

„Од наше гледиште, повекувањето на САД од нуклеарниот договор и враќањето на санкциите, ги уназади напорите за враќање на стабилноста во регионот, и тоа не незначително“, кажа  германскиот министер за надворешни Хејко Мас.

„Владата жали за одлуката на американската администрација да се повлече од договорот и да ги врати американските санкции врз Иран. Направивме се што е во наша моќ да го спречиме овој исход, од моментот кога администрацијата на претседателот Трамп стапи на власт“, кажа британскиот министер за надворешни Борис Џонсон.

Но, еден првичен ефект со вчерашната одлука Трамп веќе ја постигна. Ги зајакна иранските јастреби во домашната политика, тие кои цело време работеа против договорот и кои едвај чекаат да ја ослабнат позицијата на умерениот Рохани.

Утринава во иранскиот парламент ечеше слоганот „Смрт на Америка“, и неколку пратеници го запалија американското знаме. Но, можеби најжесток беше тонот на духовниот лидер на Исламската република ајатолата Али Хамнеи, кој го нарече глупав и површен говорот на Трамп.

„Имаше можеби 10 лаги меѓу неговите коментари. Најави повлекување од договорот, му се закани на Иран, на иранксата нација, на владејачкиот систем на Исламската република, дека ќе направи што сака. Во име на иранската нација, ќе му кажам: Господине Трамп, не можете да направите ништо“, кажа Хамнеи.

И додека Европа не знае што попрво, од другата страна на регионалниот политички спектар, забележливо е задоволството на Израел и С. Арабија, најголемите ривали на шиитски Иран, кои со месеци, со притисоци и со огромни нарачки на американско оружје, особено Саудијците со 300 милијарди долари, на крај влијаеја врз Трамп да се дојде до овој резултат.

Резултат кој Тел Авив и Риад го слават како победа, а кој за многумина ќе отвори само нови тензии и воени судири.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ