
Интерпол бара одговор од Кина за исчезнувањето на својот шеф
Интерпол бара од кинеските власти информации за нејзиниот претседател, Менг Хонгвеј, кој исчезна на патување во Кина од Франција. Агенцијата со седиште во Лион наведува дека “се надева на официјален одговор од кинеските власти за решавање на загриженоста за благосостојбата на претседателот”. Но, од Пекинг се уште нема одговор. Сопругата на Менг вели дека таа нема вести од него откако го напуштил Лион на крајот од септември. Француските власти велат дека тој се качил на авион и пристигнал во Кина, по што на 64-годишниот Хонгвеј му се губи трагата. Кинеските медиуми пишуваат дека тој по слетувањето во Пекинг бил одведен на распит. Но, не е јасно зошто би бил испрашуван од „дисциплинските власти“, а не се знае ниту каде е задржан.
Менг беше заменик-министер за јавна безбедност во Кина, но функцијата му беше одземена во април на седница на Комунистичката партија.