Интерпелација за косовскиот премиер поради укинувањето на реципроцитетот кон Србија

Партијата на доскорешниот косовски премиер Албин Курти, Движење Самоопределување (ВВ), денеска поднесе до Собранието на Косово интерпелација за новоизбраниот претседател на Владата, Авдулах Хоти, поради одлуката за укинување на трговскиот реципроцитет кон Србија.

Во соопштението до медиумите се наведува дека ВВ бара итно враќање на мерката на реципроцитет, која во март годинава ја воведе владата на Курти.

Според ВВ, „реципроцитетот е меѓународен принцип кој се заснова на еднаквост меѓу државите“, додека укинувањето на таа мерка од страна на владата на Хоти значи „откажување од државниот субјективитет“.

Владата во оставка на Курти донесе одлука за вовдување трговски реципроцитет кон Србија од 1 април годинава, со што ја укина таксата од 100 отсто на српскиот увоз, која ја воведе неговиот претходник Рамуш Харадинај во ноември 2018 година.

На одлуката на Курти се спротивставија Соединетите Американски Држави и Европската унија, кои бараа од Приштина целосна либерализација на трговските односи со Србија, со цел да се овозможи обновување на дијалогот кој беше прекинат по воведувањето на таксата од страна на Харадинај.

На 3 јуни Собранието на Косово му изгласа доверба на кабинетот на Хоти, кој три дена подоцна ја донесе одлуката за укинување на реципроцитетот, изразувајќи надеж дека Белград ќе реагира соодветно и ќе се овозможи продолжување на дијалогот за изнаоѓање решение за споровите меѓу двете држави.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ