„Инстант“ медиуми низ маглата на полувистинити и измислени вести

Едно време, печатените и електронските медиуми, секој први април на своите страници или во информативните емисии пласираа некоја неверојатна, смешна или измислена вест, на која читателите или гледачите реагираа збунето, но само неколку минути, додека не сфатат дека е први април – Денот на лагата или Денот на шегата. Таквите вести беа безопасни, додека денес, со развојот на технологијата и бројните портали, полувистинитите, измислените или лажните вести, станаа секојдневие кои имаат значајно влијание врз јавноста.

Рахман Пачаризи, долгогодишен дописник на Радио Слободна Европа, денес универзитетски професор по албански јазик, вели дека и косовското општество се соочува со глобалниот феномен на лажни и фабрикувани вести, на Запад познати како „fake news“.

„Тоа се вести кои имаат одредена цел, пред се компромитација и дискредитирање на противникот, било економски или политички. Овие вести се фабрикуваат во одредени периоди и затоа суштински се разликуваат од обичните лажни вести. Fake news ги произведуваат луѓе на високи позиции со користење на напредни техники. Тие ја користат пропагандата и многу добро ја познаваат психологијата на јавноста. Знаат како таа функционира околу одредени прашања и „удираат“ на најслабите точки на кои јавноста може да потпадне под влијание на таквите вести“, вели Пачаризи.

Агрон Бајрами, главен уредник на дневниот весник Коха Диторе и член на бордот на Советот за пишани медиуми, вели дека во последно време е зголеменн бројот на жалби од луѓе кои тврдат дека вестите објавени за нив во медиумите се лажни. Тој вели дека многу од нив не сфаќаат дека не станува збор секогаш за лажни вести кои имаат за цел да нанесат штета или кои имаат елементи на пропаганда.

„Во косовскиот случај, многу почесто станува збор за вести кои не се измислени, туку имаат професионални недостатоци. Во повеќето случаи тоа не се лажни вести, туку се работи за вести со кои се крши етиката на новинарството поради невнимание, професионално незнаење и слично“, вели Бајрами.

Тој смета дека фабрикуваните вести постоеле и порано, но дека тогаш се нарекуваа пропаганда, како и дека денес, лесно може да се дојде до заклучок дека таквите вести ги произведуваат личности кои сакаат да профитираат или финансиски или политички и дека тие, главно, се наоѓаат во институциите.

Со оваа констатација се согласува и Фаик Испахиу, директор на невладината организација „Internews Kosova“ која се занимава со развој на медиумите и истражувачкото новинарство на Косово, а во чиј состав функционира и порталот за вести Kallxo.com.

„За жал, на Косово видовме премиери, претседатели на парламент, претседатели, видовме сопственици на корпорации и силни компании кои директно плаќаа такви „новинарски проститутки“. Основаа медиуми чија примарна цел е „ширење магла“, ширење невистини и загушување на вистината“, истакнува Испахиу.

Тој ги нарекува ваквите медиуми – инстант медиуми, кои се основаат за еднократна употреба, а кои имаат за цел водење некаква кампања или пропаганда, а потоа пропаѓаат.

„За жал, повеќето од овие инстант медиуми се финансирани од државни механизми преку фондови кои ги имаат разни министерства за промоција на своите активности, потоа преку јавните претпријатија, како што е Пошта и други претпријатија кои имаат фондови за покренување медиуми“, вели Испахиу.

Ако се има предвид дека денес секој граѓанин со креирање сопствена интернет страница може да пласира различни, непроверени вести, кои во зависност од политичкиот или економскиот интерес копираат други портали, тогаш е јасна брзината на можното дезинформирање кое може да има многу силно влијание и врз формирањето на јавното мислење.

„Времето кога обично се појавуваат таквите инстант медиуми и инстант новинари е пред избори. Но, не само тогаш, туку секогаш кога е тоа потребно, кога треба нешто да се измисли, кога треба да се измисли некоја тема, кога треба да се избегне некоја тема или „да се пушти мува“ во тешки времиња, како што е денес“, вели Испахиу.

На Косово постојат стотици интернет страници и портали, чии сопственици се, главно, непознати. Но, Агрон Бајрами и Фаик Испахиу сметаат дека тие не може да бидат вистинска конкуренција на професионалните медиуми. Поголем проблем е што професионалните медиуми се ускратени во финансиска смисла, бидејќи, како што вели Испахиу, малубројни фондови во косовскиот маркетинг се политички ориентирани.

Бајрами смета дека луѓето или групите кои произведуваат лажни вести за лична корист, политичка или економска, не се новинари.

„Тие само глумат дека се новинари и не се конкуренција. Но, тие се проблем, не само на медиумите, туку и на општеството и тој проблем треба да се решава преку образование за да се знае што е медиум, што е вест, а што не е“, смета Бајрами.

Рахман Пачаризи смета дека е многу важно во средните училишта да се воведе предмет медиумско образование, за младите да можат да препознаат лажна вест, како да ја третираат и како да ја користат.

Минатата година, косовското Министерство за внатрешни работи го стави на јавна расправа Концепт документот за спречување и сузбивање на компјутерски криминал, каде ги вброи и лажните вести и казна затвор за оние кои ги објавуваат. Медиумските експерти и граѓанското општество сметаат дека со усвојување на таков документ би се загрозила слободата на говорот, особено на социјалните мрежи. Агрон Бајрами не ја исклучува можноста, таквите законски санкции да ги злоупотребат токму оние кои се главни произведувачи на сомнителни вести.

„Повеќето лажни вести, барем на Косово, ги произведуваат политичарите. Не ги произведуваат ниту медиумите, ниту граѓаните. Ги произведуваат луѓе кои се во политиката и често ги произведуваат јавно. И што да правиме со нив кога лажат во секој момент и во секоја прилика? Да ги ставиме во затвор? Ова е проблем кој треба да се решава на друг начин“, вели Бајрами.

А, додека не се најдат успешни механизми за намалување на влијанието на  парамедиумите и додека не се маргинализираат непроверените или измислени информации, косовската јавност и натаму ќе живее со таквите вести и со нивните последици.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ