Импичментот на Мета започнува во Четврток, Премиерот Рама попладнево на разговори во Брисел

Пратеничките групи во албанскиот парламент и спикерот Грамоз Ручи се договорија барањето за импичмент на Претседателот на државата, Илир Мета, во Четврток да биде разгледувано на седница на законодавниот дом.

Според информациите од Тирана, расправата во Парламентот ќе треба да трае 5 часа а најмногу време да ги образложи своите позиции ќе добие владеачката социјалистичка партија на премиерот Еди Рама.

По завршување на дебатата, за усвојување ќе биде предложена и нацрт резолуција во која се наведува дека уредбата на Мета за одлагање на локалните избори, парламентот ја смета за апсолутно неважечки чин, донесен вон уставните и законски овластувања на претседателот на државата.

Во нацрт резолуцијата се поддржува и одлуката на Централната изборна комисија за продолжување на изборниот процес. За импичмент на Мета, на социјалистите им се потребни 94 гласови во Парламентот составен од 140 пратеници, кои во моментов ги немаат.

Од кабинетот на Мета, соопштија дека албанскиот Претседател во 16 часот попладнево повторно ќе и се обрати на нацијата, откако во вчерашното прво обраќање информираше дека одлучил да ги одложи локалните избори заради драматична политичка ситуација во Албанија и опасноста политичката криза да прерасне во поширок граѓански конфликт.

Опозиционите партии во Албанија, предводени од Демократската партија на Љуљзим Баша, најавија дека ќе ги бојкотираат локалните избори и се заканија дека ќе го спречат нивното одржување.

Опозицијата веќе подолг период одржува анти-владини протести кои во одредени ситуации ескалираа и во насилство, на кои се обвинува владата на Рама за поврзаност со организираниот криминал и се бара негова неотповиклива оставка.

Во обидите за смирување на тензиите во Албанија се инволвира и Европската Унија. Премиерот Еди Рама попладнево во Брисел ќе има серија разговори со високи европски претставници, започнувајќи со високиот претставник за надворешна политика, Федерика Могерини, претседателот на европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ