
Имамоглу нов градоначалник на Истанбул, Ердоган призна пораз
Кандидатот на опозициската Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу, оствари голема победа на повтореното гласање за градоначалник на Истанбул. За разлика од првиот круг кога го победи кандидатот на власта, поранешниот премиер Бинали Јилдирим со тесна разлика од само 13.000 гласови, Имамоглу сега разликата ја зголеми на повеќе од 750.000. Прогласувајќи ја победата тој вети „нов почеток” во градот и изрази подготвеност за соработка со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Имамоглу победи и на изборите кои се одржаа на 31 март и беше градоначалник 18 дена, но изборната комисија, по жалба на владејачката партија на правдата и развојот, ги поништи тие резултати поради неправилности.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган преку твитер му ја честиташе победата на Имамоглу, во повторното гласање во Истанбул. Со тој резултат партијата на Ердоган ја загуби власта во Истанбул прв пат по 25 години. Покрај Истанбул, Ердоган на локалните избори во марти ги загуби и Измир и Анкара.