
Илјадници мигранти на грчко-турската граница
Грчките граници се под опсада на мигрантите, со чиј број сите лицитираат. Турското министерство за внатрешни работи тврди дека од Турција кон Грција се упатени повеќе од 76.000 мигранти а грчкото министерство за надворешни работи, преку својот твитер профил порача дека бројките цитирани од турските власти се лажни и заблудени. ОН од своја страна проценуваат дека на грчката копнена граница со Турција има најмалку 13.000 лица. Грчката влада утрово објави дека во текот на вчерашниот ден и ноќта бил спречен влез на 9.972 лица од Турција во делот околу Еврос, а биле уапсени 73 лица.
Тие кои влегле на грчка територија се уапсени и задржани. И според мене тоа е нелегален начин за влез, оцени грчкиот министер за одбрана Никос Панаjотопулос.
Во текот на вчерашниот ден имаше инциденти откако насобраните лица од турска страна околу граничниот премин Кастание – Пазаркуле фрлаа камења и дрва кон грчката гранична полиција која ги бркаше групите мигранти кои ја сечеа оградата на границата. Граничната полиција употреби солзавец и шок бомби за да ги спречи мингрантите да ја преплават границата.
Границите се добро заштитени, персоналот е тука и силите тука добија засилувања. Прават се што е потребно за да бидат заштитени границите на Грција, тврди Панаjотопулос.
Покрај копнената граница, под притисок е и грчката крајбрежна стража да се справи со многубројните мали пловила кои постојано пристигаат на грчките острови. Дополнителни групи мигранти се собираат во турската провинција Чанакале во очекување на бродски превоз до грчките острови.
Ќе одиме во Грција со чамец. Тоа може да биде навистина добро место за нас. Имаме роднини таму, вели 13 годипната мигрантка од Авганистан Маназ Али.
За ситуацијата со бегалците и мигрантите, како на грчко – турската граница кај Еврос, така и на островите во североисточниот дел на Егејското море, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за попладнево свика состанок на владиниот Совет за национална безбедност. Мицотакис два пати разговараше со претседателите на Европскиот совет и Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон Дер Лајен за начинот на кој Фронтекс ќе придонесе за заштита на грчките граници, што се и надворешни граници на Европската унија.
Игор Трајков