Илјадници луѓе излегоа на улиците во Полска поради убиството на градоначалникот

Илјадници луѓе излегоа на улиците во полските градови како реакција на убиството на градоначалникот на Гдањск Павел Адамович, кој умре вчера од последици на ранувањето со нож еден ден претходно на хуманитарен собир.

Во Варшава се собраа илјадници луѓе под слоганот „Стоп на омразата“, а слични протести беа одржани низ целата земја.

Во Гдањск претседателот на Европскиот совет и поранешен полски премиер Доналд Турск пред насобраните граѓани му порача на својот убиен пријател: „Ти ветувам денес, драг Павел, дека за тебе ќе ги ослободиме од омразата и нашиот Гдањск, и нашата Полска и нашата Европа“.

Адамович им подлегна на повредите по напорите на лекарите кои пет часа го оперирале, им соопшти на новинарите полскиот министер за здравство Лукаш Шумовски.

Напаѓачот на бината, пред да биде совладан и уапсен, ја обвинил поранешната партија на градоначалникот дека го ставила во затвор каде бил мачен.

Полицијата верува дека мотивот на напаѓачот била одмаздата. Осомничениот, роден во Гдањск, е осуден ограбувач на банка и бил во затвор повеќе од пет години. Според медиумите, тој бил пуштен од затвор во декември.

Полскиот претседател Анджеј Дуда изрази сочувство на семејството на Адамович: „Во жал сум и се молам со неговото семејство, пријателите и сите луѓе со добра волја. Непријателството и насилството донесоа трагични последици и болка. Ние тоа не можеме да го прифатиме“, напиша Дуда на Твитер.

Во знак на жалост знамињата во Гдањск се спуштени на половина копје, а голем број граѓани запалија свеќи пред градското собрание.

Европскиот парламент вчера му изрази почит на Адамович со минута молчење, а претседателот на ЕП Антонио Тајани зборуваше за неговата „блискост со луѓето“ и „способност да ислуша“.

Адамович се залагаше за прифаќање на емигранти во Гдањск и ја поддржувапе протестната кампања за заштита на владеењето на правото во земјата. Беше еден од најдолговечните градоначалници во Полска, предводејќи го Гдањск од 1988 година.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ